Македонија 11. јуни 2020. / 14:54

АРМ ќе се ангажира при тестирањето на населението по барање на министерството

АРМ ќе се ангажира при тестирањето на населението по барање на министерството

На барање на Министерството за здравство, единици на АРМ ќе се вклучат при тестирањето на населението за вирусот Ковид-19. Од Генералштабот на АРМ потврдуваат за „сдк.мк“ дека тим од воено-медицинскиот центар се подготвува да излезе на терен под водство на Институтот за јавно здравје, кој ги спроведува тестирањата.

Војската не се вклучува од безбедносни причини затоа што за населението кое одбива да соработува со епидемиолозите асистира полицијата. Лекари и технички медицински персонал од воено-медицинскиот центар се вклучуваат поради зголемениот број на заразени лица, кои продуцираат повеќекратен број на лица кои мора да одат во самоизолација, зашто биле во некаков контакт со позитивни.

Бидејќи на лицата во самоизолација им се прави прв, но зaдолжително мора и втор тест, а епидемиолозите не се доволно бројни навреме да им го повторат тестирањето, се вклучува тимот од АРМ.

Како што велат од Институтот, целта е луѓето во самоизолација кои се здрави, да излезат што побрзо, а не да чекаат повеќе 14 дена за некој епидемиолог да им го направи вториот тест, без кој не може да ја напуштат самоизолацијата, нешто за што се одговара кривично.