Денеска се очекува да биде донесена одлука и за притворот на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков. Неговиот адвокат Љупчо Шврговски очекува судијата на претходна постапка да донесе позитивна одлука за неговиот клиент за случајот „Империја“.
Тој рече дека се уште нема известување од СЈО дека побарале затворскиот притвор да се замени со куќен. Мијалков понуди еден милион евра гаранција за да биде ослободен да излезе од притворското одделение во Шутка.
Шврговски се надева дека на Мијалков ќе му биде целосно укинат притворот, но доколку тоа не се случи, тие би биле задоволни и со куќе притвор, затоа што условите во Шутка се поинакви од домашните услови.
СЈО даде позитивно мислење, односно се согласи мерката притвор да им се замени со мерка куќен притвор и на Миле Јанакиески и на Кирил Божиновски и на другите притворени во „Империја“, Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски. Апелација најверојатно денеска ќе одлучува и за нив.
По речиси два месеци поминати зад решетки, бизнисмените Орце Камчев и Цветан Панделески, вчера излегоа од истражниот затвор „Скопје“.
Со полициска придружба тие се однесени во своите домови, кои нема да смеат да ги напуштат, бидејќи Апелација им одреди куќен притвор.
Орце Камчев и Цветан Панделески добија куќен притвор – потврдија од Апелација.
Од СЈО за нив велат дека сведоците се сослушани и со тоа престанува да важи опасноста за влијание врз сведоци, а со мерката домашен притвор ќе бидат физички обезбедни.