Македонија 25. April 2019. / 13:48

Апасиев: Не бојкотирајте, гласајте против СДСМ и ДУИ

Апасиев: Не бојкотирајте, гласајте против СДСМ и ДУИ

Димитар Апасиев од Левица повикува на гласање во вториот круг на претседателските избори кои се закажани за 5 мај. Според него, бојктотот на изборите е контраподуктивен.

После рекордно малата излезност од 41% во првиот круг на претседателските избори, со која граѓаните отворено му удрија шамар на двопартизмот СДСМ-ДПМНЕ, во левичарските и либералните, па дури и во конзервативните кругови, насетувам сè посилна наклонетост кон филозофскиот идеализам, како наклон кон контрареволуционерни настроенија. Затоа, како еден од првите што го започнаа движењето #Бојкотирам за време на референдумот за илегалната промена на името, а по отворените прозивки на луѓе кои навистина ги почитувам, за тоа: „Кој е ставот на Апасиев за овие избори?“ – чувстувам морална должност кон јавноста да ја изразам мојата сегашна јасна и недвосмислена антибојкот-позиција!, вели Апасиев.

Според Апасиев, за разлика од референдумот во 2018, каде што тој го заговараше бојкотот како легитимна опција и имаше онтолошка политичка смисла со продуцирани правно-релевантни последици, сегашниот бојкот на претседателските избори, а особено на решавачкиот втор круг, го смета за обичен ларпурлартизам и крајно несериозно и неинтелигентно постапување.

Во ваква „пата-пата“ ситуација, кога раскалашената власт на заевистите е на колена и пред тотален колапс – наше е само да ја поттурнеме во провалијата која самата си ја ископа. Па во нашата досегашна државно-правна историја не се има случено вакво политичко фијаско, ваков дебакл со вртоглав пад на рејтингот на една Влада, која за само две години изгуби околу 200.000 гласови!

Драги мои бивши соборци од Шарената револуција и од движењето Бојкотирам: не можете да се борите против квислиншкиот „Преспански договор“ кој ни го наметна името Република Северна Македонија без да имате институција која е овластена да ги покрене меѓународно-правните механизми на Обединетите нации. Затоа, токму во овој драматичен историски момент, во кој ја играме можеби најважната партија шах – ние мора да влечеме потези мудро и тактички прецизно. Нема да имаме втора шанса и нема да имаме време за импровизации и за лажни скромности, вели Апасиев.

Апасиев вели дека фронталниот напад е најдобрата опција.

Реагирајте брзо како змија која го возвраќа ударот со опашката кога ќе ја удрат по главата, а со главата – кога ќе ја удрат по опашката. А ако ве удрат по средината, возвратете им и со главата и со опашката“.

Повеќе од јасно е дека народноодметнатата тиранска коалиција на СДС(С)М и ДУИ – со својот непотизам, кронизам, клиентелизам, фејкерски елитизам, ароганција, незнаење, импровизација, корупција и неказнив криминал – сите нас нè удрија баш по средината. Окупатори да беа, па ќе имаа повеќе сенс за чувствата на овој народ. Затоа, другари, дојде времето да им вратиме и со главата и со опашката. А тоа, да биде иронијата поголема, е токму на овој Петти мај – денот кога започна падот на груевизмот, да биде воедно и ден кога ќе започне падот на заевизмот (#Од5тиМајДоКрај). Затоа, не потпаѓајте под лажниот триумфализам на ВМРО – партијата која го преспа процесот на илегалните уставни измени. Да се разбереме: не победи ВМРО во повеќе од пола Македонија, туку победи професорката Гордана Силјановска Давкова – со својот углед, кредибилитет и со своето знаење и принципиелност. Тоа е многу битна и суптилна разлика, за оние што знаат да читаат меѓу редови, вели Апасиев.

Бојкотот е вовед во нова криза и работи во корист на елитата

Со сегашниот бојкот на второто полувреме, само ќе играме по нотите кои ни ги свират властодршците и ќе влеземе во нивното посакувано антидемократско сценарио, кое можеби веќе им е напишано во амбасадата на Кале. Ќе овозможиме Талат Џафери, а.к.а. командант Форина, да стане „ВД Прецедник-узурпатор“, кој со брзина на светлината ќе ги потпише противуставните шверцувани закони за ратификација на октроираниот „Преспански договор“ и за двојазичност, со што Уставниот суд нема да може да ги поништи поради формално-правни причини. Ќе им дадеме алиби на овие митаџиски среброљупци да го променат уставниот систем на земјата и да воведат претседател-марионета кој, небаре е некој бирократски чиновник, ќе се бира „на тендер“ во парламентот – од уценетите и корумпирани пратеници, наместо директно од народот. И конечно, по повторените и скапи претседателски избори (доколку ги има), ќе бидат осоколени и појачани со лиценца од нивните западни ментори за геримандеринг – местење и крадење на изборите, за кои ќе им биде прогледано низ прсти, само заради „мир у куќи“.

Затоа, ние – народот – не можеме да победиме ако не научиме како правилно да настапуваме, но и правилно да отстапуваме од тврдите и дримерски позиции кои не вродуваат со плод. Ете затоа, револуционерните партии треба да се доучуваат! Правилна е тактиката на комбинирање на легалната работа со задолжително искористување на институционалните патишта, особено сега кога се заканува опасноста дека со можна украдена или наштимана победа на Стево Пендаровски – СДС(С)М ќе има тотална власт во државата. Тоа не смееме да го дозволиме ако сакаме да ја зачуваме Републиката! До тука бидува. Затоа, комбинирањето на легалните и илегалните, парламентарните и вонпарламентарните форми на борба, се суштината за успешна општествена промена кон подобро.

Затоа, вие „интелектуални левичари и десничари“ не истоварувајте го своето инфантилно доктринерство врз масите. Непостојаноста и безидејноста на таквата ваша квази-револуционерност, нејзината бесплодност, својството брзо да си „легнува на брашното“ и да се претвора во апатија, фантастика, па дури и во бесен занес по оваа или онаа буржујска помодарска струја – сето ова се чини дека е општопознато. Затоа, простете, но овојпат #БојкотирамПИ не е вистинското решение! Тоа ми е последниот резултат, пишува Апасиев.