Четири министерки ќе брои новата влада, на мандатарот Зоран Заев која треба да биде изгласана најдоцна до утре на полноќ. Процентуално тоа е околу 21 отсто, што секако не е задоволителна бројка, со оглед на тоа што жените се речиси педесет проценти од популацијата во Македонија, но и на светско ниво.
Квоти за министерки и градоначалнички во законските прописи нема. Квотите кои низ годините од осамостојувањето беа воведени овозможија законска 40 процентна застапеност на жените во Парламентот и на локално ниво во советите, а има иницијативи такви квоти да се воведат и за Владата и за градоначалничките позиции.
За застапеноста на жените во политичките процеси во интервју за МИА зборува Даниела Антоновска, експертка по родова рамноправност, магистер по родови студии со 18-годишно работно искуство во оваа областа во домашни и меѓународни невладини организации.
Освен госпоѓата Шекеринска којашто е во секторот на одбрана, останатите се поставени во тие т.н. социјално културни категории и напоменавте дека од 19 министри сега имаме четири министерки, тоа проценутално некаде би било 21 процент. Мислам дека неодамна имаше некоја реакција од женските невладини организации коишто упатија повик и апел од мандатарот за состав на новата влада господинот Заев барем 30 проценти од жените да бидат застапени во новата влада, меѓутоа ова укажува дека нели овој процент којшто го имаме сега е помал процент, вели Антоновска во интервјуто за МИА.
Според Антоновска, четири жени министерки е ситуација која покажува дека навистина ни треба родова квота, дека ние без квотите немаме напредок, немаме вклучување на жените во политиката на кое било ниво.
За разлика од извршната власт, овој парламетарен состав се приближува до законската квота од 40 отсто. Четириесет и три жени добија мандати, наспроти 77 мажи во новиот парламентарен состав, со можност за уште еден или два мандати во прилог на пратеничките со верификацијата на следните на листата на местото на оние кои заминаа на министерските позиции. Тоа би било околу 35,8 проценти на жени пратенички во новиот парламентарен состав.
Споредбено со претходниот пратенички состав, Антоновска вели дека имаме зголемување, односно имаме една тенденција на покачување на бројката на жените. Во претходниот состав, додава таа, жените биле застапени со 31,7 проценти, односно речиси 32 проценти и тоа секако се должи на родовите квоти коишто се како афирмативни мерки усвоени во нашата држава.
Се надева дека наскоро ќе има поместувања во насока на 50 процентна застапеност, за која се залагаше коалицијата „Можеме“ во предизборната кампања.
Во интервјуто за МИА Антоновска говори споредбено за состојбата со женската застапеност во политичките процеси во Европа, но и во светски рамки, но и за изложеноста на жените кои се носители на високи политички и општетсвени функции на дискредитација по сексуална основа.
Значи се уште на жената се гледа како општествено инфериорна, се уште се гледа како подредена и се уште е присутна таа сексуална објективизација на жената. Понекогаш за жал морам да кажам дури и од самите жени, односно постои една самообјективизација. И исто така кај жените кои што се на јавни функции многу е поголем товарот којшто самата таа функција значи го носи со себе за разлика од мажите. Така што, како општество ние сме генерално се уште заглавени во некој патријархален и традиционален ментален склоп и се уште сметаме дека најголем дел од работата на жената е значи дома, да се грижи за своите, за децата и за постарите членови од фамилијата – вели Антоновска, која била членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати, и е алумна на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институт и алумна на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“. Авторка е на две книги, повеќе истражувања, анализи и текстови на македонски и англиски јазик.