Претставката до Антикорупциска ја поднел просветниот инспектор за високо образование Ѓорѓи Илиевски по редовен инспекциски надзор во тетовскиот универзитет во април годинава.
Илиевски за Факултети.мк тврди дека при редовен инспекциски надзор на тетовскиот универзитет утврдиле дека актуелниот министер за образование и наука Арбер Адеми незаконски е избран во наставно-научно звање доцент бидејќи во периодот на изборот неговото работно место на ДУТ било во мирување.
-Цел на нашиот надзор на тетовскиот универзитет беа изборите во наставно-научни звања на Правниот факултет. Утврдивме дека Арбер Адеми, министер за образование и наука, односно неговиот избор во доцент е незаконит. На 13 април 2016 година Државниот универзитет во Тетово донел решение за мирување на работниот однос на Адеми како асистент на Правниот факултет сѐ додека ја врши функцијата министер без ресор во Владата, согласно Законот за работни односи. Но, во периодот на мирување Универзитетот поведува постапка за избор на еден наставник. Ректорската управа на 3 февруари 2017 година донесува одлука со која асистентот м-р Арбер Адеми се избира во наставно-научно звање доцент по предметите меѓународно приватно право и арбитражно право. Јас како просветен инспектор констатирав дека оваа постапка е незаконита зашто неговиот работен однос е во мирување како министер без ресор во Владата на Република Македонија. Овој избор е спротивен на Законот за работни односи, како и спротивен на член 135, став 3 од Законот за високо образование – вели Илиевски.