Македонија 15. јуни 2020. / 12:55

Антикорупциска чекори сигурно по стапките на СЈО!?

Антикорупциска чекори сигурно по стапките на СЈО!?

И според најновиот извештај на Фридом Хаус, корупцијата во Република Македонија останува да цвета. Почнувајќи од заплашувањето и поткупувањето на гласачите, што можат да влијаат на политичките исходи, преку трговијата со луѓе, селективната правда, (не)ефикасноста и независноста на судството, па се до големата неказнивост за корумпираните владини функционери, вклучувајќи и членови на парламентот и судството.

Иако директно не е спомената, последниот извештај на Фридом Хаус претставува сериозна шлаканица и за Државната комисија за спречување на корупција. Зашто, за дел од показателите содржани во извештајот директна вина има и Антикорупциската комисија, што е само потврда дека сериозните предупредувања на нејзина адреса дека оди во погрешна насока со својата работа не ги прима и прифаќа сериозно. Напротив, самобендисано незапирливо продолжува по стапките на поранешното СЈО. Или, како што би рекол народот, фалени јагоди-празни кошници!

Последниот состав на ДКСК беше избран со многу помпа и нормално беше дека и очекувањата на граѓаните за борба против корупцијата ќе бидат многу поголеми. Меѓутоа, од досегашната пракса непобитно произлегува заклучокот дека антикорупционерите, чест на исклучоци, се тотално неподготвени и нестручни и за кривично, и за управно, и за прекршочно право! Предметите од сите овие области им паѓаат како зрели круши пред надлежните институции.

Да биде иронијата поголема, вината за тоа, наместо во сопствените редови, упорно продолжуваат да ја бараат на друго место. Што, пак, е во директна спротивност од препораките на Прибе-институциите да се соочат со сопствена одговорност! И тука не играат никаква улога за просторните или други услови за работа.

Најновиот блам антикорупционерите го доживеаја со предметот за дивите платформи на Матка за кој во септемрви минатата година покренаа постапка за кривична одговорност на градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети. Надлежното Јавно обвинителство, меѓутоа, утврди дека градоначалникот навремено донел одлуки за стопирање или уривање на дивоградбите. Што значи дека вината за дивите платформи, што не се урнати не лежи кај градоначалникот, туку во надлежните инспекциски служби на Министерството за транспорт и врски! И просто е несватливо елементарното непознавање на работите кај антикортупционерите, кои сакајќи или не сакајќи прават политички херој од сарајскиот градоначалник.

За потсетување, во делот на кривичната одговорност, антикорупционерите паднаа и на предметот на Ректорот на УКИМ. Кај него паднаа и во управна постапка околу конфликтот на интереси.

Во делот на паднатите управни и прекршочни постапки, пак, можат да се набројат примерите со поранешниот претседател Ѓорге Иванов и за случајот именувања во АРМ и за случајот со деловните простории ангажирани по престанокот на нивниот мандат. Тоа што ДКСК не поднела жалби само потврдува дека грешката била кај неа.

Тука е и поништената одлука на ДКСК од Управен суд за конфликт на интереси на Проректор на УКИМ. И во овој случај не е поднесена жалба, што значи дека ја признава грешката.

Поништена е и одлука на ДКСК од Управен суд за партиско влијание при вработување на директор на Стоматолошка клиника заради примена на закон. Жалба, исто така, не е вложена со што признава дека не знаела да примени закон.

Индикативни се случаите, што можат да се вбројат меѓу завршените. Чудно е како антикорупционерите не најдоа конфликт на интереси кај баџанакот на претседателот на Собранието, кој гласаше за него, наместо да се иземе. Или, пак кај министерката за правда, која како член на Влада стана претставник на Македонија во Венецијанската комисија и тоа не на предлог на Владата, туку на Министерството за надворешни работи, што претставува чисто поигрување со интелигенцијата на граѓаните. А, во овој контекст може да се спомене и издадената согласност на поранешен министер за финансии да биде член на Надзорен орган на финансиска институција. И тука делува загрижувачки тоа што може да се добие впечаток дека како антикорупционерите повеќе да водат сметка да ги оправдаат постапките на власта, отколку навистина да се ангажираат во борбата со корупцијата.

Настрана ова, постојат уште два други сериозни показатели, кои упатуваат на сериозна загриженост околу ангажманот и работата на антикорупционерите, чест на исклучоците. Во извештајот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, меѓу другото, се укажува на рокот на одлучувањето на ДКСК. Иако според нејзиниот основен закон, тој изнесува 60 дена, праксата покажува дека рокот на нејзините постапки се движи од минимум 42 до максимум 273 дена, или просечното времетраење на постапка е 5 месеци и 15 дена! Вториот показател говори дека антикорупционерите не се придржуваат на законскиот рок и дека одредени предмети траат и по повеќе од шест месеци! Значи, предмет на дополнителни анализи треба да биде дали ова е резултат на бавни институции, услови на работа за антикорупционерите, или, пак, на нешто сосема друго, што би било страшно и да се изусти, заради примерот со СЈО. И за потсетување, неодлучување во законски утврдениот рок е основ за разрешување на членовите!

Од овој извештај на Институтот треба да се одбележи и податокот дека лани биле решени само 100 случаи за корупција. А, за три месеци-октомври, ноември и декември, антикорупционерите одржале само две седници!

За крај доцнењето. Доцнењето на ДКСК веќе не е исклучок, туку како да станува пракса. Не само за предметите. Годишниот извештај за работа, се забележува во извештајот, не е доставен до Собранието во предвидениот рок до 31 март. Не беше навремено доставена и Националната стратегија за спречување корупција, чиј рок беше 31 декември. ДКСК ја има неформално дадено оваа Национална стратегија дури во јануари лично на Претседателот на Собранието наместо на надлежните работни тела, заради што Стратегијата не е усвоена од Собранието и нашата држава е единствена меѓу сите современи демократии која нема Национална стратегија за борба со корупцијата.

Не е усвоен ни Образецот за електронски единствени Изјави за имотната состојба и конфликт на интереси на функционерите, што требаше да се стори уште минатата година. Со тоа, голем број лица остануваат неопфатени со обврската да доставуваат Изјави за нивната имотна состојба, иако новиот Закон предвидува изрична обврска за нив. Такви се, на пример, нотарите (силна и моќна лоби група во државата) и сите политички советници на министрите. Дали ДКСК намерно не усвојува ваков Образец?