Македонија 09. јуни 2019. / 20:28

АНТИ-НАТО = АНТИ-МАКЕДОНИЈА

АНТИ-НАТО = АНТИ-МАКЕДОНИЈА

Секој разумен граѓанин на нашата земја со разочарување гледа не недоволната политичка и медиумска еуфорија за воената вежба „Одлучен удар“, која што неделава се одржува во Македонија. Оваа вежба значи многу за зацврстувањето на нашето сојузништво со најсилната воена алијанса на планетата, а власта и медиумите некако ја игнорираат.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Околу 2.700 војници од шест држави вклучувајќи ја и нашата, до 9 јули, во две ротации, на Центарот за поддршка на обуката „Криволак“ ќе ја одржат теренската вежба „Одлучен удар“.

„Одлучен удар“ е најголемата вежба која било кога се одржала во нашата земјава, за што АРМ треба навистина да биде горда, затоа што овде ќе се претстават најновите и најсофистицираните тактикчки и технолошки достигнувања на алијансата.

Армијата на Македонија и војската на САД ќе учествуваат со по 1.300 војници, Црна Гора со 75, Литванија 10, Бугарија 25 и Албанија со 25 војници. Организаторите велат дека со вежбата војските ќе обезбедат синхронизација на расположивите сили и капацитети и зголемување на интероперативноста меѓу силите за специјални операции на партнерските земји.

Во земји како Полска, ваквите вежби го привлекуваат вниманието на пошироката јавност до ниво да бидат третирани како големо национално збиднување. Што впрочем и оваа вежба е, затоа што истата значи дека НАТО ќе го брани нашиот територијален интегритет и ќе им покаже на оние кои сакаат да ја приграбат оваа територија дека тоа нема да им помине.

1.300 војници на Соединетите Американски Држави во пријателство да маршираат рамо до рамо со македонската армија, не е воопшто мала работа, ќе се согласите… 1.300 војници на САД значат дека ние од денот кога ќе влеземе во НАТО па натаму сме “Brothers in Arms” – однос кој секој рационален народ би го посакал со најмоќната светска сила.

Она што иритира, но во исто време и отвора прашања за размислување, е зошто оваа воена вежба со сите пропратни церемонијални збиднувања не предизвикува еуфорија во македонската јавност? Да, прашањето е реторичко а одговорот е очигледен: Македонците не се многу заинтересирани за НАТО поради високата цена која ја платија за да влезат во оваа алијанса. Членството во НАТО, кое ни доаѓа наскоро, значеше трајна промена на името на нашата земја, но и обид за промена на идентитетот. Власта, од друга страна, не е заинтересирана затоа што и се гледа крајот, па гледа да додели што е можно повеќе лиценци за марихуана на фирмите на семејството на премиерот.

Она што мораме да го разбереме е дека НАТО пактот (во кој наскоро ќе членуваме), во нашите очи не може да биде гледан како виновник за националните отстапки. Виновникот има име, се вика Зоран Заев, заедно со неговата влада и неговиот министер за надворешни работи, Никола Димитров.

Соединетите Американски Држави и НАТО сакаа со членството на Македонија да затворат еден геополитички коридор кој за нив е суштински важен, па оттаму доаѓа подршката за промената на името. Тоа е разбирливо, секоја светска коалиција си ги гледа првенствено своите интереси, па потоа се останато (кешки ние да размислувавме така и да не влезевме во пакет со Албанија за ЕУ). Сепак, дипломатскиот кикс наречен “Договорот од Преспа”, не е вина ниту на САД, ниту на НАТО, туку на нашето државно водство кое пристапи недоволно тактично и не успеа да избоксува подобар договор.

Договорот не го потшиша ниту Трамп, ниту Столтенберг, туку Заев и Димитров и вината е единствено во нивни раце и на никое друго место.

За нивната вина, нашите политичари ќе одговараат пред судот на историјата, но и пред најголемиот суд на демократијата, наречен избори (ако имаме среќа и кривично). Сепак, и покрај се нас како народ не ни останува ништо друго освен гордо да членуваме во атлантистичкото друштво и така суверено да го бараме нашето место.

Дека вината е само кај Заев и Димитров, говори и тоа што никој повеќе не ги третира како порано. Тие се веќе искористен презерватив и шоуто мора да продолжи без нив. Чув дека минатата недела молеле за средба со Макрон, а од таму им удоволиле средба само со некој небитен пратеник од комисијата за соработка со Македонија.

Македонија и македонскиот народ со својата културолошка димензија јасно припаѓаат на западната, јудео-христијанска цивилизација. Токму затоа (освен од прагматични безбедносно-економски причини), местото ни е токму во НАТО, алијанса која уште од своето основање претставува чадор на нам блиските народи.

Во времињата на агонија за нашите национални интереси (име, идентитет), многумина застранија од про-западната нишка на македонскиот патриотизам. Тој проблем е нус продукт на компромисите, но, никој не може да ме убеди дека барем малку не е поддржан од непријателите на НАТО, пред се мислам на Русија.

Наметнувањето на ваквата не-атлантска алтернатива доаѓа пред се од лицемери, луѓе кои се протагонисти на сојуз со Русија, а нивните деца живеат во Соединетите Американски Држави. Навистина смешно е да се гледа како најголемиот медиумски русофил (сега достапен на алтернативни медиумски канали) е жртва токму на овој парадокс. Ист е случајот со лидерот на единствената про-руска партија во Македонија, кој јавно признава дека живее од парите кои неговото семејство ги спечалило со работа во Германија. Не сум чул за Македонец кој стигнал на врвот во Русија, а на запад, има многумина крајно успешни.

Запрашајте се какви продукти користите? Какви филмови гледате? Каква музика слушате и каква култура споделувате? Така најлесно ќе го добиете одговорот на прашањето во кој сојуз и е местото на нашата земја. Проверете ги статистиките и ќе видите со кои земји имаме најголема трговска размена, ќе видите од каде сме добивале и најголеми донации. Немаме друга алтернатива, освен да се издигнеме во веќе постоечката НАТО Алијанса и да се надеваме на реформи во ЕУ кои ќе доведат до наша интеграција.

Направте историска паралела, помошта за нашето национално ослободување од отоманскиот калифат доаѓала исклучиво од Запад. Да, единствено преку запад можеме да се етаблираме.

Со оглед на политичката, етничката и религиската комплексност на нашата земја, секое друго сценарио е Сириско сценарио. Затоа, водени од разум мораме да продолжиме да се развиваме под западен чадор.

Да се биде непријател на НАТО, значи да се биде непријател на Македонија.