Македонија 30. март 2020. / 15:32

Ангов до сопствениците на викендички: Дојдете во Дојран, но седете дома, не е време за туризам

Ангов до сопствениците на викендички: Дојдете во Дојран, но седете дома, не е време за туризам

Градоначалникот на општина Дојран, Анго Ангов, ретерира во однос на донесената одлука на Советот на општината која се однесува на забрана на влез на лицата во општината кои според личната карта немаат место на живеење во Дојран.

Вели дека дел од медиумите му ја извадиле изјавата од контекст, а неговата препорака е да се спречи миграцијата на луѓе и да се почитуваат мерките на Владата, бидејќи, како што вели не е време за туризам во време кога се бориме со пандемија.

Тој појаснува дека сопствениците на викендичките можат да дојдат во своите домови во Дојран, но, да седат дома и да ги почитуваат мерките на Владата, бидејќи ова не е период во кој може да се прават прошетки.

-До Владата доставивме предлог-решение со кое им се препорачува на лицата кои според лична карта немаат место на живеење овде и не се жители на Дојран да не доаѓаат во градот. Овој предлог беше донесен со 9-0 гласа од советниците кои беа едногласни и со апсолутно мнозинство кажаа да на ваквиот предлог. Но, иако сите сме согласни, сепак не можеме да им наложиме да не смеат да доаѓаат. Владата е таа која има право на тоа. Штом ја добиеме одлуката од Владата ќе ја известиме јавноста, вели градоначалникот во телефонски разговор за МКД.мк .

Тој на сопствениците на викендички им порачува да уживаат во нивните домови, но да ги почитуваат мерките и да седат дома.

Општината веќе донесе забрана за движење по сите зелени и рекреативни зони и туристички патеки, детските игралиште и спортските терени во Дојран, а со одлука на Владата затворен е и граничниот премин Дојран.