Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска ќе биде во работна посета на Берлин, каде што ќе има средба со Клаудија Дер Вос, државен секретар во Сојузното министерство за економија и енергетика.
Во рамки на активностите на мешовитиот управувачки комитет, каде Анѓушев е копретседавач од македонска страна, како што соопшти неговиот Кабинет, денеска ќе се одржи оперативен состанок на кој ќе се утврдат поконкретни мерки и начини на соработка, а ќе се разговара и за поддршката која официјален Берлин ја најавува за Македонија.
-Во рамките на посетата на Берлин се очекува Анѓушев да има и средби со претставници на компании од автомотоиндустријата и од енергетскиот сектор. Германија е главен трговски партнер на нашата земја со вкупен обем од 3,64 милијарди евра во 2018 година, и раст од преку 15 проценти на обемот во однос на 2017 година, како и земја со која Македонија остварува голем суфицит во трговската размена- се вели во соопштението.
Анѓушев утре работно ќе престојува и во Белград заедно со министерот за здравство Венко Филипче, каде што ќе имаат средба со претставници на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација, членка на групацијата Светска банка.
Со нив ќе разговараат за можности за соработка во реализација на енергетски и други инфраструктурни проекти во Македонија.