Македонија 27. јануари 2021. / 22:08

Андреј Ковачев очекува Заев да го врати изучувањето на бугарскиот јазик во училиштата во Македонија

Андреј Ковачев очекува Заев да го врати изучувањето на бугарскиот јазик во училиштата во Македонија

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев даде иронична и исмејувачка забелешка во врска со денешната најава на македонскиот премиер Зоран Заев дека учениците во земјава ќе можат да изберат дали да го учат српскиот јазик, пренесе БГНЕС.

– Дали таква би била и честитката на премиерот Заев до Бугарите во Македонија по повод бугарскиот празник? – прашува европратеникот.

Тој во продолжение ја напиша и честитката која очекува македонскиот премиер Зоран Заев да ја упати до Бугарите по повод Националниот ден на Бугарите во Република С. Македонија.

„Денес граѓаните на бугарската заедница го слават празникот Националниот ден на Бугарите во Република С. Македонија, кој се слави на денот посветен на еден од најсветлите и најсветите луѓе во историјата на бугарскиот народ – Гоце Делчев. Со честитки до сите бугарски граѓани во нашата земја, ние се придружуваме на одбележувањето на празникот, што е дел од нашата традиција да ги почитуваме различните културни карактеристики во заедничкиот напор за градење просперитетна иднина за сите граѓани. Ги охрабруваме традиционално добрите односи со Република Бугарија и во оваа насока во Општина Центар се завршени сите претходни постапки за изградба на бугарски културен центар. Одиме чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на бугарскиот јазик и култура за кои веќе се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, додека наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение се во фаза на одобрување – за разлика од времето кога југословенската комунистичка партија на Тито ги укина во 1944 година. Ги отстрануваме од учебниците сите пасуси во кои Бугарите и Бугарија се прикажани како Татари-Монголи, окупатори, фашисти и непријатели на Македонците. Ние го потврдуваме бугарскиот историски идентитет на сите преродбеници и револуционери кои се декларираа како Бугари и го нарекоа нивниот јазик – бугарски. Ние ги споделуваме нивните борби, жртви, достигнувања и наследство како дел од заедничката историја на бугарскиот и македонскиот јазик. Испраќам најтопли честитки по повод Националниот ден на Бугарите во Република С. Македонија и нека бидат вечни името и славата на Гоце Делчев, под чија духовна заштита се слави овој ден“, напиша Ковачев.