Голем удар на демократијата во Македонија се случи денес, кога судот забрани книга. ,,Економски Лидер”, веднаш по објавувањето на информацијата, стапи во контакт со авторот чија книга е забранета во манир на недемократските режими од претходниот век.
Поранешниот претседател на Собранието Стојан Андов со неверување ја прими одлуката на основниот суд “Скопје 2”, да се тргне од продажба неговата книга “До атентатот и по него” во која тој имплицира вмешаност во атентатот на Глигоров на Фрчкоски (па и Црвенковски) поради повреда на личните права на тужителот Љубомир Фрчкоски.
Андов вели дека судот сеуште не го известил дека книгата е забранета, но, дека за истото треба да биде известен издавачот.
Официјално не сум примил известување, но ако одлуката е таква тогаш тоа е без преседан. Треба издавачот да го известат. Книгата, сите што ја прочитале се одушевени, сите ја чекат. Со ова само ќе се зголеми продажбата, ништо друго, вели Андов за Лидер.
Поранешниот спикер додава дека доколку навистина е ваква судската одлука, тоа не е добро.
Содржината на книгата е сосема реална, не постои некоја диверзија па да се забрани. Овие денови не бев здравствено добар па можеби поради тоа адвокатот не ми кажал, но ако одлуката е таква, не е добро, тоа е понижување на земјата, заклучи Андов во краткиот разговор.