АВМУ ја објави Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018г.
На почетокот од 2018 година, освен Македонската радио-телевизија, програма емитуваа уште 128 комерцијални радиодифузери (58 телевизии и 70 радиостаници). Во текот на годината престанаа да ја вршат дејноста осум радиодифузери (ТВ Нова од Скопје, ТВ Телеканал А1, ТВ Канал еден, ТВ Сител 3, ТВ Лажани, ТВ Орбис, ТВ Канал Три и РА Слободна Македонија), а беа доделени две нови дозволи за телевизиско (Телевизија 3 и 1 ТВ) и една за радио емитување (РА 102-ка ФМ). Вкупниот број на комерцијални радиодифузери на крајот од годината изнесуваше 123 (53 телевизии и 70 радиостаници).
Во 2018 година продолжил падот на вкупните приходи. Во споредба со претходната година, приходите на Македонската радио-телевизија се намалиле за 8,44%, на комерцијалните телевизии за 4,52%, а на комерцијалните радиостаници за 3,60%.
Приходите од реклами коишто заедно ги оствариле сите радиодифузери изнесувале 1.346,06 милиони денари, и во споредба со претходната година, бележат пад за 2,71%. Од нив 34,33 милиони денари биле приходите на Македонската радио-телевизија, 1.203,95 милиони денари на комерцијалните телевизии и 107,78 милиони денари на комерцијалните радиостаници.
Од популарните телевизии најмногу приходи, односно 432,45 илјади денари, оствари ТВ Сител. После нив следува Канал5 со 188 илјади денари, па АлсатМ со остварен приход од 156 илјади денари.
Трошоците кои заедно ги направиле сите радиодифузери во 2018 година изнесувале 2,537.52 милиони денари, од кои 971,03 милиони денари биле трошоците на Македонската радио-телевизија, 1,419.56 милиони денари на комерцијалните телевизии и 146,93 милиони денари на комерцијалните радиостаници.
На крајот на годината, финансискиот резулат од работењето на сите три сегменти на индустријата – јавниот сервис и комерцијалните телевизии и радија бил негативен, односно загуба во износ од 96,91 милиони денари. Македонската радио-телевизија за прв пат по пет години прикажала загуба од работењето.