Македонија 27. август 2018. / 12:23

Американски конгресмени на разговори за референдумот во Парламентот

Американски конгресмени на разговори за референдумот во Парламентот

Референдумот закажан за 30 септември и функционирањето и работата на македонскиот Парламент биле дел од прашањата што денеска се отвориле на средбата на претседателот на Собранието, потпретседателите и координаторите на пратеничките групи со петмината американски конгресмени.

На средби во македонскиот Парламент денеска и утре се конгресмените Бил Флорез, Гери Коноли, Дина Титус, Сузан Дејвис и Дејвид Прајс.

Во моментов во Собранието конгресмените, поделени во две групи, имаат средби со претседателите на повеќе собраниски комисии, потоа ќе имаат поединечни средби со претседателот и членовите на комисиите за одбрана и безбедност и за деловнички и мандатно имунитетни прашања, а подоцна ќе се сретнат и со Клубот на жени пратенички.

Конгресмени во Собрание

Утре американските конгресмени ќе имаат средба со претставници од Парламентарниот институт и граѓански организации.

Изјави за медиумите од американските конгресмени не се предвидени, а собраниските служби најавуваат соопштение по средбите.