Амди Бајрам, како човек кој е долги години гласноговорник, чинител и инспирација за младите Роми во светот, е номиниран за претседател Европската Ромска партија, информирал Јован Дамјановиќ од Светската организација на Ромите на денешната средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Дамјановиќ исто така истакал дека основањето на партијата и именувањето на нејзиниот претседател, ќе бидат официјализирани на конгрес на кој ќе учествуваат претставници на Ромите од над 25 земји.
Како што соопштуваат од прес-службата на Собранието, Џафери истакнал дека Република Македонија е држава која придава особено внимание на статусот на Ромите. Тој рекол дека има аспекти кои што треба да бидат препознаени како успешен пример, но и дека како претставници на народот имаат уште доста работа за да се задоволат сите аспекти на живеењето на ромската заедница во општеството, особено нагласувајќи ги сферите на образование, инфраструктура, здравство.
Претседателот и амбасадорот за мир на ветската организација на Ромите, Јован Дамјановиќ, истакнал дека му претставува задоволство што е во Република Македонија, држава чии граѓани уште одамна ги прифатиле Ромите како еднакви сограѓани, држава која е единствена во регионот со ромска општина, држава која е редок пример и за многу поразвиени држави во Европа, заради фактот што одамна има пратеник од Ромската заедница во своето Собрание.
На средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија покрај Јован Дамјановиќ, во делегацијата на Светската организација на Ромите учествувале и заменик-претседателот, Дејвид Романо и членот на Комисијата за европски прашања, Ивица Петровиќ.