Бројот на активни случаи со Ковид-19 во земјава изнесува 20313 од кои најголем број 11553 се во Скопје.
Иако според податоците за состојбата со вирусот, бројот на новодијагностицирани се намалува и расте бројот на оздравени, сепак дневно се регистрираат по 20-тина починати.
Вкупно 448 лица сомнителни и потврдени за Ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 105 болни лица, на Клиниката за инфективни болести лежат 132 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 44 пациенти.
Според министерот за здравство Венко Филипче, борбата со ковид кризата ќе продолжи и на почетокот на следната година иако сега тендециите се такви да бројките укажуваат на тоа дека епидемијата на некој начин спласнува, помалку пациенти во болниците, повеќе термини за тестирање, се повеќе слободни болнички кревети, дури некои одделенија ќе се вратат во стариот претходен нормален режим на работа.
– Меѓутоа тоа не значи дека ние целосно ќе се опуштиме, сепак оваа борба досега не научи дека вирусот е многу непредвидлив и дека може да се случат изненадувања и понатаму и ние мораме да бидеме подготвени, истакна вчера Филипче.