Македонија 06. мај 2019. / 14:09

Ако заигра метлата, Самка Ибраимоски го бара местото на Царовска

Ако заигра метлата, Самка Ибраимоски го бара местото на Царовска

Од Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) на пратеникот Самка Ибраимоски му ја честитаат победата на Стево Пендаровски и нагласуваат дека тие го направиле цензусот од Шуто Оризари. Ако заигра метлата, лидерот на оваа партија вели дека тие треба да го добијат Министерството за труд и социјална политика.

Преку активната работа на сите наши ограноци низ цела држава, а посебно нашиот огранок во Шуто Оризари ние успеавме во општината Шуто Оризари и низ целата држава да донесеме значајна победа за нашиот претседател. Донесовме огромен број гласови како во Шуто Оризари така и во сите општини. Нека не се китат другите партии во коалицијата со нашите резултати. Ние имаме неуспорени докази од терен кои го докажуваат фактот дека нашата партија го донесе и цензусот и победата на претседателот на оваа држава – вели претседателот на партијата, Ибраимоски.

Од неговата партија очекуваат, како што велат, Заев да ја пушти метлата да заигра и во сопствените редови, но и во коалицијата со цел да има поуспешна и поефикасна Влада и институции кои ќе работат за сите граѓани.

Доколку заигра метлата, ПЦЕР го бара местото – Министер за труд и социјална политика поради тоа што ние знаеме како да го раководиме тоа Министерство, а и имаме адекватен кадар кој би работел со цел да им помогнеме прво на сиромашните граѓани затоа што сиромаштијата не познава етникум, религиска ниту било каква припадност – вели Ибраимоски.