Откако цели три дена беше во бегство од органите на прогонот, екс-директорот на УБК Сашо Мијалков попладнево пред камерата на провладината ТВ 24 влезе во обвинителството да си го земе решението за домашен притвор.
Мијалков пред камера образложи дека имал висока температура од над 40 степени и токму затоа се ставил во изолација за Корона и бил недостапен. Останува нејасно како полицијата не го пронашла на сите 5 места кои се негови домови и како тоа никој од неговото опкружување (семејство и соработници) не знаел дека Мијалков е во изолација?
Впрочем, самиот Мијалков веќе еднаш беше позитивен на Ковид 19 по што станува биолошки феномен кој два пати заболува од овој вирус.
Инаку, судска одлука за притвор не се зема од обвинителство, туку од суд, што само по себе говори дека се работи за театар чиј сценарист не внимавал за деталите.
Одиме понатаму, обвинителството соопшти дека имало информација дека Мијалков ќе побегне, бара домашен притвор, во меѓувреме него го снемува и никој од неговото опкружување не знае каде е, три дена полицијата не може да го најде и на крај се појавува пред камера и вели дека е во изолација. Дали вие верувате во ова почитувани читатели?
Политички пазар со Зоран Заев
Факт е дека Сашо Мијалков веќе подолго соработува со премиерот Зоран Заев. Самиот премиер тоа го потврди велејќи дека тој помагал во обезбедувањето на пратенички гласови за промена на името. Во исто време, факт е дека Мијалков предводеше иницијатива која создава раздор во опозицијата. Вчера, во емисијата „Заспиј ако можеш“ беше објавено дека Мијалков го организира тој наводен вонреден конгрес за на 26ти да не добие пресуда по која веднаш ќе треба да оди затвор? Мијалков се пазарел за пресуда која ќе биде под 10 години, што ќе значи дека тој ќе може да се жали на апелација како слободен човек или човек во домашен притвор.
Во исто време, се докажува и дека предавањето на Сашо Мијалков е координирано токму со премиерот Зоран Заев, затоа што тој уште пред да биде објавено на 24 вести напиша на својот фејсбук профил дека Мијалков се предал. Доколку проверите на фејсбук видеото во живо на 24 вести кое трае 2 ипол минути ќе видите дека тоа е објавено во истата минута во која е објавен статусот на Заев. Како Заев можел да напише четири пасуси и да ја гледа изјавата на Мијалков во исто време, останува нејасно.
Симптоматично е и тоа што Мијалков случајно се појавува пред камерата на провладината ТВ 24 каде новинарот Мишко Иванов дотеран го дочекува. Никој не објаснува како во цел блокиран град Мијалков слободно се движи до обвинителството и цела ангажирана полиција не успева да го приведе, иако постои потерница? Инаку, новинарот Мишко Иванов е сопруг на висока функционерка на СДСМ.
Дополнително, постоеше притисок од меѓународниот фактор Мијалков да биде осуден на казна повисока од прагот по кој тој веднаш треба да оди во затвор. Веројатно Заев потклекна на странците, по што Мијалков избега, па повторно се пазареше со Мијалков во овие три дена.
Колкава ќе биде висината на казната на Мијалков?
Освен пазарот со Заев, се споменува и теоријата дека озлогласениот поранешен директор на УБК се предал затоа што нигде не успеал да најде азил откако властите практично го ослободија и му дозволија да побегне. По што, мора да кажува дека бил во изолација за да не оди во затвор.
Не е можно човек со температура (како што тврди тој) да не биде лоциран од полицијата иако бил под посебни истражни мерки и физичко следење. Овде нешто навистина смрди.
На 26-ти, кога се очекува да биде пресудата за Мијалков ќе дознаеме дали тој се испазарил со Заев. Обвинителката Ленче Ристовска побара максимални 13 години затворска казна за него, доколку добие под 10 тој дефинитивно направил договор и ќе продолжи да биде слободен граѓанин со судски процеси кои ќе траат долго.
Доколку добие над 10 години казна, Мијалков дефинитивно не успеал да пронајде место каде што би побегнал и сите го вратиле или можеби некоја „виша сила“ влијаела тој да ја дочека правдата.
На крај, треба да видиме дали уште вечерва Мијалков од домашен притвор ќе биде пренесен во притвор. Затоа што се работи за човек кој де факто бил во бегство, иако тврди дека бил во изолација, без да открие каде му е излацијата.