Македонија 03. мај 2019. / 09:28

Ахмети: Поддршката за Пендаровски значи дека еден ден Албанец ќе биде претседател на државата

Ахмети: Поддршката за Пендаровски значи дека еден ден Албанец ќе биде претседател на државата

Албанците сонуваат претседателот на државата да биде Албанец. Тоа не е невозможно да се оствари. Ве уверувам дека таа идеја еден ден ќе биде реалност и затоа ние сега во овој момент треба да го поддржиме Стево Пендаровски и да бидеме свесни дека не е невозможно еден ден Албанец да биде претседател на државата, рече Али Ахмети, лидерот на ДУИ на вчерашната партиска трибина во Скопје.

Ахмети рече дека сите што го разбрале концептот се свесни дека консензуалниот кандидат е тој што ќе нè однесе во НАТО и ЕУ. За нас, рече тој, како ДУИ, е важно да ги отвориме преговорите со ЕУ и затоа поддршката е важна.

Лидерот на ДУИ рече дека неговата партија има од 100 до 150 илјади гласачи и дека е сигурен оти сите до еден ја разбрале идејата и дека ќе му дадат поддршка на консензуалниот кандидат за претседател на државата, Стево Пендаровски.

На трибината тој ги повика гласачите на ДУИ да излезат на гласање.

Да ги тргнеме емоциите настрана и да размислуваме реално. А тоа значи – сите заедно како што досега работевме за граѓаните, и овој пат да покажеме дека ДУИ е силна и сите заедно на 5 мај да излеземе на избори и да го поддржиме Стево Пендаровски и да обезбедиме цензус, повика Ахмети.