Македонија 21. декември 2019. / 19:13

Ахмети едногласно реизбран за лидер на ДУИ

Ахмети едногласно реизбран за лидер на ДУИ

Али Ахмети вечерва на Четвртиот изборен конгрес на ДУИ со акламација повторно е избран за лидер на партијата. За него гласаа повеќе од 800 делегати кои учествуваа на Конгресот што се одржа во Скопје, а тој беше и единствениот предлог за лидерската функција од сите 36 ограноци на ДУИ.

Се заблагодарувам за довербата што ми ја дадовте едноглсно да бидам на чело на ДУИ следните четири години. Ве уверувам дека ќе ве претставувам со дигнитет како и до сега така и во иднина и дека нема никогаш да се посрамите ниту пред вашите опоненти, ниту пред противниците – рече Ахмети.

Тој укажа дека од 2001 година со донесувањето на Охридскиот договор е променет политичкиот статус на Албанците во земјата. Албанците тука ги сакаа како потстанари, но не и како господари на домот. Но по бројни жртви, и пролеана крв, рече Албанците денес слободно го користат албанското знаме, јазик, имаат три универзитета, имаат полиција и војска каде се претставени со дигнитет.

Ахмети меѓу другото се осврна и на соработката со партии и претставници на Македонците и кажа дека никогаш не делувале зад грб и никогаш нема да работат со двојни стандарди, туку транспарентно и со почитување на дадениот збор.

Инаку, на Конгресот ДУИ донесе одредени статутарни промени, се избраа нови партиски тела и се усвоија декларација и пет резолуции кои се однесуваат на консензуална интеграција, ветинг, квалитетот на животот, развој и работни места и младината на прво место.