Македонија 06. јануари 2019. / 12:55

Агенцијата за европски програми ни демантира обвинение кое не сме го дале

Агенцијата за европски програми ни демантира обвинение кое не сме го дале

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го демантира нашиот текст „Сопругата на Макрадули добила тендери за 90.000 евра!“.

Иако во текстот никаде не е наведено дека договорот за јавна набавка е противзаконски, сепак од Националната агенција ја демантираат токму таа нивна констатација.

-На ден 05.01.2019 година од страна на порталот “економски лидер” е објавен долу наведениот текст, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност остро ги демантира изнесените информации за наводно противзаконско доделување на договор за јавна набавка, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е речиси 10 години корисник на услугите на „Опен мајд солушнс ДООЕЛ-Скопје“, која е компанија што се занимава со изработка и одржување на софтвер за финансиско работење на агенцијата – стои во реакцијата на агенцијата објавена на Фејсбук.

Според нашето истражување компанијата „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС ДОО – СКОПЈЕ“ во која еден од сопствениците е Маја Макрадули, сопруга на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули по доаѓањето на СДСМ на власт, добила тендери со вредност од 5.417.808 денари (88.094 евра).

Во нашиот текст ние пишуваме дека сегашниот заменик министер Макрадули, во неговиот анкетен лист не пријавил дека неговата сопруга поседува удел во „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“.

– Симптоматично е тоа што сегашниот заменик министер, во неговиот анкетен лист поднесен до „Државната Комисија за Спречување на Корупција“, пријавил дел од имотот на неговата сопруга, но не пријавил во која компанија поседува удел односно во „ОПЕН МАЈНД СОЛУШНС“, која очигледно по доаѓањето на СДСМ на власт има солидни приливи од државата – стои во нашиот текст.

Сепак, од националната агенција реагираат дека договорот бил законски, а ние тоа не го негираме.

– Потпишувањето на договорот со„Опен мајд солушнс ДООЕЛ-Скопје“ е согласно законот за јавни набавки, бидејќи истата ги ужива авторските права, воедно сакаме да ве известиме дека првично договорот со посоченото правно лице е склучен во 2009 година, кога директорката Лидија Димова не беше на раководната позиција во агенцијата туку ја продолжи веќе воспоставената соработката со претходен договор од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност – стои во соопштението.

Нашиот текст целосно може да го прочитате ТУКА.