Македонија 05. октомври 2018. / 19:04

Агенција за Храна и Ветеринарство предложи мерки против африканска свинска чума

Агенција за Храна и Ветеринарство предложи мерки против африканска свинска чума

Со цел спречување евентуална појава и ширење на болеста африканска свинска чума, која е потврдена во соседна Бугарија, но и во други земји од Европа и регионот, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе решение со кое на сточарите што одгледуваат свињи им се наложува преземање безбедносни мерки на фармите.

„Станува збор за болест од која заболуваат домашните и дивите свињи, која не е опасна за човекот, а која во оваа сточарска гранка предизвикува големи економски загуби. Болеста се пренесува и шири со директен контакт од болно на здраво животно, индиректно се пренесува преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека и биолошки преку вектор – мек крлеж од родот Ornithodoros. Периодот на инкубација кај оваа болест е од 4 до 19 дена. Смртноста кај домашните свињи може да достигне до 100 проценти“, информираат од АХВ.

Со решението што го донесе Агенцијата на сточарите им се наложува задолжително затворање на животните во одгледувачниците, водење евиденција за нивното движење, како и ограничување на движењето и контрола на пристапот на лица и возила на фармите.

„Задолжително е преземање мерки за чистење и дезинфекција на објектите, просториите, опремата и возилата, воведување мерки за контрола на штетниците и векторите и имплементирање на биосигурносните мерки на фармите. Облеката и обувките што се користат во одгледувачниците препорачливо е да бидат за еднократна употреба и да се врши нивна промена при влегување во објектот. Оние што се за повеќекратна употреба треба редовно да се чистат и дезинфицираат. Задолжителна е дезинфекцијата при влез и излез во и од фармата или објектите во неа“, додаваат од АХВ.

Според наложените безбедносни мерки, за простирка може да се користи само слама, која претходно е отстоена 90 дена. Свињите не смее да се хранат со помии, односно овој вид кујнски отпад задолжително треба нештетно да се уништи.

„За секое движење животните треба да се придружени со валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Пред да се натоварат или истоварат животните, превозното средство треба да е соодветно исчистено и дезинфицирано за што се издава потврда од страна на овластено ветеринарно друштво. Пред и за време на превозот животните не треба да доаѓаат во контакт со приемчиви животни што немаат познат здравствен статус“, појаснуваат од Агенцијата.

Оттаму предупредуваат дека секој сомнеж на болест или пцовисување кај приемчивите животни задолжително треба да се пријави до ветеринарните друштва или официјалните ветеринари.

„Свежото свинско месо, подготовките од месо и производите од месо, како и нуспроизводите не смее да доаѓаат во контакт со приемчивите животни. Лицата што биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот. Добиточните пазари и собирните центри треба да спроведуваат засилена контрола на документите за движење на животните и да не дозволуваат влез на животни што не ги исполнуваат условите од решението. Доколку има такви животни, тие треба да се стават во карантин и изолација за што операторот со добиточните пазари или собирните центри треба, без одлагање, да го известат надлежниот официјален ветеринар. Строго е забрането продавање животни надвор од добиточните пазари“, се нагласува во соопштението на АХВ.