Македонија 01. април 2019. / 12:51

Адеми: Концептот на ДУИ е за НАТО и ЕУ

Адеми: Концептот на ДУИ е за НАТО и ЕУ

Во предизборната кампања Демократската унија за интеграција влегува подготвена во два сегменти, за изборот на претседател на државата и за градоначалник на Општина Дебар, најави портпаролот на централниот изборен штаб на ДУИ, Арбер Адеми.

-Кампањата ја започнавме во Дебар и ќе ја завршиме во Дебар- рече Адеми.

На прес-конференцијата тој најави дека ДУИ ќе води модерна и интерактивна кампања со директни средби со граѓаните, од куќа во куќа и секаде каде што е потребно за да се истакне дека патот за НАТО и ЕУ е поставен и не може да се сопре.

-Посебен интерес на ДУИ е оваа кампања и овие избори да поминат во мирна, коректна, демократска и празнична атмосфера, како што ѝ доликува на една европска земја и нашите граѓани да имаат можност слободно да изберат заеднички претседател.
Ние како Демократска унија за интеграција сме мобилизирани, сите – активистите и раководството на партијата, за да го означиме следниот успех.

Веќе е дефинирана агендата на Централниот изборен штаб, како и агендата на општинските штабови, кои што ќе имаат посебна паралелна агенда и секако нашиот фокус е што повеќе граѓани да се мобилизираат и да ја изразат нивната волја, волја која не недостасува кај нашите граѓани за да означат уште еден важен чекор во насока на забрзување на нашиот пат за да станеме членка на големото европско и евроатланско семејство“, порача Адеми.
ДУИ, како што рече тој, на овие избори е определена за концептот „ЗА НАТО, ЗА Европска Унија, ЗА заедничкиот консензуален претседател, а не за евроскептицизам и скептицизам кон НАТО“.

„ДУИ е определена за инсталирање на концептот на консензуалност за главните прашања во земјата, како што е и прашањето за избор на претседател на Република Северна Македонија.
По успешното заокружување на нормативниот дел од Охридскиот Договор, по потпишувањето на историските договори со соседите, по уставните измени кои го отворија патот на перспективата за нашата земја, Македонија во 2019 година е европска Македонија на која ѝ треба претседател поддржан со консензус помеѓу заедниците во земјата. На земјата ѝ треба претседател прифатен од сите и само еден ваков претседател најдобро би успеел да ја балансира тежината на одлуките кои не очекуваат. Ние сме убедени дека патот на Северна Македонија кон НАТО и ЕУ е неповратен, но тој може да се забави во случај да не се избере кандидат чиј приоритет е забрзување на овој процес- рече Адеми.