Донесувањето на Законот за попис останува под знак прашалник, бидејќи сѐ уште не е изгласан во Собранието. Аргументи за ова прашање во синоќешниот дебатен магазин „Клик плус“ на ТВ 21, изнесоа пратениците Халил Снопче и Арбeр Адеми.
Пратеникот на Коалицијата Алијанса за Албанците-Алтернатива, рече дека пописот наидува на разни мистерии, но додава дека треба да биде празничен ден за граѓаните.
–Пописот треба да биде празничен ден каде граѓанинот ќе даде информации за себе, за својот имот. Граѓанинот ќе даде информација бидејќи е фактор, субјект во оваа држава, рече Снопче.
Пратеникот од редовите на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека доколку на пописот излезе дека Албанците се помалку од 20%, тогаш нема да ги признае резултатите. Тој меѓу друго говореше и околу новините во Законот за попис.
Адеми, како поранешен министер за образование изнесе и податоци за бројот на запишани ученици од учебната 2017/18.
-Дали може како министер за образование да споделам еден податок со вас – бројот на учениците за учебната година 2017/18 е 121.272 Македонци, односно 64,22%, а 60,709 Албанци, односно 32,15%, рече Адеми.
И според Снопче, Албанците во Македонија се над 29%. Вели дека немаат доверба во Државниот завод за статистика за спроведување на пописот.