Членот на извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Димовски, на неговиот фејсбук профил вели дека овој период се забележани преку 500 пожари во Македонија.
-Речиси и да нема место во Република Македонија, каде што не е опожарена шума во последните триесетина дена. Во овој период се видентирани околу 500 пожари.
Гори од Малешевијата до Галичица. И сите тие пожари неможе да не се намерно запалени. Горат горите, за пусти профити на поединци, ама горат и куќи и овошни насади на луѓето. Им ги горите трудот и маката на луѓето, за да направите бизнис. Им ги горите душите. И никој не презема одговорност. А одговорни сте сите, од тие што ги предизвикуваат пожарите, командир на шумска полиција, министер за земјоделство и шумарство, до премиер. Сторителите не ги барате и не ги наоѓате, оти самите вие сте тие сторители.
Државата ја претворивте во анархо-тоталитарен режим, во кој владеете со сила, во кој предизвикувањето на страв и психоза кај народот ви се алатка да ги држите под пресија. И сето тоа за да останете на власт и да ограбувате. Арам да ви е!
Но, да знаете! Ништо под ова сонце не останало тајна. Се што правите, еден ден ќе излезе на виделина. И ќе одговарате. За сé ќе одговарате, од предавството, до егзодусот и пожарите! – пишува Димовски.
Пожарот зафати и куќи, жителите бегаат пред огнената стихија
Жителите на село Саса се евакуираат пред огнената стихија, а Македонска Каменица се мобилизира со сите расположливи средства за гаснење на големиот пожар кој ги зафати домовите на жителите од маало Аџии и Траканица, како вонредна вест објави порталот Каменица.мк.
Тие информираат дека е побарана помош од сите центри и координативни тела за управување на кризи на регионално и национално ниво, а екипи се на терен и во текот на ноќта.
-Страшниот пожар во село Саса не престанува. Според информации од терен се евакуираат луѓето кои живеат во близина на маалата Траканица и Аџиите. Ангажирани се голем број на човечки и технички ресурси како од Македонска Каменица така и соседните градови. Се поизвесно е дека во утринските часови неминовна ќе биде потребна интервенција од авионско гаснење. Фотографиите се од самото место каде се гасне пожарот во Саса, пишува Каменица.мк, од каде што се позајмени и фотографиите.
Во гаснењето на пожарот во текот на целиот ден биле ангажирани екипи на ТППЕ од Македонска Каменица и регионот, екипи на Македонски шуми и на Шумска полиција.
Луѓето се евакуираат и земаат она што може да се понесе и спаси пред стихијата.