Македонија 14. March 2019. / 20:35

30-дневен притвор за Јакимовски, екс шефот на кабинетот на Мијалков

30-дневен притвор за Јакимовски, екс шефот на кабинетот на Мијалков

Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за определување мерки за обезбедување присуство заради основано сомнение дека ја злоупотребиле службената положба и овластување, пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, денеска беа спроведени три лица.

По произнесување на лицата во однос на предлогот, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на Т.Ј. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1 и 2 од ЗКП, на С.М. му определи мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од член 165 ст.1 т. 1, 2 и 3 од ЗКП и за К.Ј го прифати предлогот и определи мерки на претпазливост и тоа Одземање на патната исправа, Обврска за јавување во суд, Забрана за напуштање на живеалиштето и Забрана за вршење определени работни активности поврзани со кривичното дело, извести судот.

Обвинителството ги товари за проневера на стотици илјади евра од УБК. Еве го соопштението на ОЈО за случајот:

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска издаде Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица, македонски државјани. Лицата се осомничени дека како вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање при Министерството за внатрешни работи, ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и го оштетиле Буџетот на Република Македонија за 50.670.000,00 денари.

Имено, во периодот од јануари 2007 година до мај 2017 година, осомничените како службени лица во Управата за безбедност и контраразузнавање, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК”. Во наведениот временски период, во 172 наврати, осомничените подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. На крајот од годината, документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција” ги уништувале, без посебно одобрение од Директорот на Управата и без записник, притоа не оставајќи примерок од прегледите, извештаите и главната книга за евиденција. Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на Република Македонија во вкупен износ од 50.670.000,00 денари.