Македонија 25. август 2019. / 10:30

2019 година е најцрна година на патиштата: За шест месеци 70 жртви

2019 година е најцрна година на патиштата: За шест месеци 70 жртви

Во првите шест месеци од 2019 година во сообраќајни незгоди на патиштата во државата загинале 70 лица. Во 2018 година, според податоците од СВР Скопје, вкупниот број жртви во сообраќајни несреќи е 118. За Форумот за граѓански активизам, 2019 година за Република Северна Македонија е најцрна година на патиштата и потребни се итни системски промени.

Статистичките податоци го покажуваат, a тоа и со сигурност може да се консатитира, велат од Форумот, дека 2019 година е најцрна година на патиштата во државата споредувајќи ги последните 20 години.

Само на пример за споредба, во првите шест месеци од 2019 година има зголемување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди за 20 проценти во споредба со 2018 година, a во споредба со 2017 година оваа бројка е зголемена за 25 проценти, појаснуваат од Форумот за граѓански активизам.

Оттаму посочуваат дека постојат само декларативни заложби, но намален интизитет на активности и реформи и никакви суштински и системски промени. – Северна Македонија нема институционален капацитет за да се справи со безбедноста на сообраќајот. Ова се согледува преку секојдневно следење на фрапатните статистички податоци за сообраќајните незгоди во 2019 година, оценува Форумот.

Од таму потсетуваат дека Европската комисија во јуни оваа година објави стратешки документ со кој преку индикатори ќе се следи состојбата на безбедноста на патиштата во земјите членки на Унијата. Во таа насока документот предвидува намалување на бројот на жртви во сообраќајни за 50 проценти до 2030 година .

Институционалните промени треба да бидат координирани, а пред се насочени кон реформа и зајакнување на легислативата од страна на Министерството за внатрешни работи, вложување во инфраструктура и изградба на модерни патишта од страна на Министерството за транспорт и врски, побрз одговор при случена сообраќајна незгода од страна на Министерството за здравство и конечно формирање на водечко тело за подигнување на безбедноста на патиштата кое треба да биде грижа на Владата на Република Северна Македонија, повикуваат од Форумот за граѓански активизам

Во 2018 година во Македонија 118 загинати во сообраќајки

Во Република Северна Македонија во 2018 година, според податоците од СВР Скопје, вкупниот број жртви во сообраќајни несреќи изнесува 118. Најголем број од жртвите биле во Скопје 32, Штип 19, Тетово 15, Битола 18, Охрид 12, Струмица 11, Куманово седум 7 и Велес четири жртви.

Најчести фактори за случување на сообраќајните незгоди со потешки последици за 2018 година, според СВР Скопје, се брзо возење, непочитување на првенство на минување, управување под дејство на алкохол, не држење страна и правец на движење, непрописно движење и свртување и грешка на пешаци.