Старо-новиот премиер Зоран Заев како доказ за македонско-бугарското пријателство ја искористи љубовта не неговиот пријател, бугарскиот премиер Бојко Борисов, кон македонската музика. И во тој контекст ги потенцираше посебно песните на Александар Митевски.
-Нема дилеми, се радуваше на нашите убави македонски песни од Дац и Александар.Го видовме по телевизии, пријатели сме, изјави Заев.
Возејќи се со својот џип, Борисов ни покажа како ја слуша песната на Дац и Александар насловена како „Корона чао“ во чија основа беше музиката од песната „Бела Чао“.
Но, само неколку месеци подоцна, истата музика од „Бела чао“, само сега со наслов „Борисов чао“, на бугарскиот премиер му ја пееја илјадниците демонстранти пред седиштето на Владата во Софија.
Дека естрада може да се користи и од страна на политиката не е ништо ново. Исто како што не е ништо ново наши естрадни уметници да бидат гости на бугарските медиуми.
Меѓутоа, последниот пример забележан на порталот Труд.бг може да внесе и доза на последици. Порталот ја искористи улогата на Тијана Дапчевиќ, порано Тодевска, во серијата „Преспав“ за разговор со неа.
И во релативно коректниот разговор се најде место за политика. Дали по сугестија на Тијана или самоиницијативно, авторот на текстот ставил наслов „Во вените на Тијана Дапќевиќ тече бугарска крв“. И тоа го вади од реченицата:„Родена е во семејството на таткото македонски Бугарин и мајката Србинка од Босна и Херцеговина-Велко и Бранка“.
Припадноста е основно човеково право и тоа право не може никој да и го одземе ни на Тијана, ни на татко и, ни на мајка и. Ама вака прикажани, дали Тијана навистина се радува?!