Инфрацрвениот скенер покажал дека е можно зад гробницата на фараонот Тутанкамон да се наоѓа скриена просторија, соопштило египетското Министерство за антиквитети.
Како што пренесува Индепендент, ова откритие би можело да ја ја потврди теоријата на британскиот археолог Николас Ривс дека тука е погребана кралицата Нефертити или некои други египетски владетели.
Министерот за антиквитети Мандух ел Дамат рекол дека прелиминарните анализи покажале дека дел од северниот ѕид на гробницата има поинаква температура, а една од можните причини за тоа е постоењето на скриен премин зад ѕидот.
Археологот Ривс годинава објави труд во кој тврди дека гробницата на фараонот има два премини, кои се измалтерисани и пребоени. Тој смета дека премините покажуваат дека гробницата е направена за кралицата Нефертити, но поради смртта на Тутанкамон свештениците ја отвориле 10 години подоцна, бидејќи мавзолејот на младиот фараон уште не бил изграден.
Меѓутоа, министерот Дамат вели дека во скриената просторија можно е да се наоѓа Кија, сопругата на фараонот Ехнатон. Како што додал, ќе бидат спроведени низа експерименти за поблиску да се испитаат деловите чија температура се разликува. Испитувањето ќе трае седум дена, а можеби и повеќе, додал министерот.