Магазин 06. октомври 2020. / 16:45

Во Прилеп прва театарска премиера во пандемија

Во Прилеп прва театарска премиера во пандемија

Прилеп ќе ја добие првата премиера на театарска претстава од почетокот на пандемијата. Вечер на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков“ премиерно ќе биде изведена камерната претстава „Да не е галеб“ според Чехов и според американскиот драматург Поснер, во режија на Саша Нацески, а во продукција на Театарот „Чин 4 Сцена 5“.

Како што објаснува режисерот Нацески, претставата се работеше месец и половина според сите мерки за заштита, а така ќе биде и на премиерата со максимум публика од 36 љубители на театарската уметност. Идејата да се работи дојде на прашањето што се случува со уметноста во ова време-невреме.

Идејата да го поставиме текстот на сцена е поради она што ни се случуваше изминатите месеци. Кога е сè закочено, си го поставив прашањето кое е местото на уметникот во ова време-невреме. Сфатив дека местото на уметноста е многу есенцијално. Ако ја нема, човековиот род би ја немал својата душа. Овие месеци најмногу се виде дека она што не треба да го правиме е да се жалиме дека нашиот живот е несреќен, а се виновни другите. Светот треба да го погледнеме од друга перспектива. Ова ни се случува, ќе помине. Ама, засега нема да престане. Тоа е животот, треба да се соочиме со сите удари кои ни ги задава. Кога прашавме за протоколите најбитно беше актерите да држат одредена дистанца, за време на пробите да носат маски, визири, дезинфекција на сите простории, на сцената, на гардеробите. Нема да се носат визири на претставата. За овој месец и половина колку што работевме, имавме интерен договор тој круг на луѓе со кои контактиравме да го сведеме на минимум, објаснува Нацески.

Претставата е работена според мотивите на драмскиот текст на Чехов „Галеб“ и според текстот „Глупа заебана птица“ на Арон Поснер, американски драматург. Во претставата играат актерите: Илија Волчески, Јасмина Мицеска Станкоска, Димитар Ѓорѓиевски и Дарко Карбески, Наталија Ристеска, Михаил Миленкоски и гостинката од Пробиштип Стефанија Митовска. Во креативната екипа се вклучени композиторот Томе Темелкоски, за звучниот дизајн е задолжен Кире Најдоски, сценографијата е на Мартин Милкоски и на Борче Димов.

Нацески вели дека во јули биле на работ на целосно затворање на Театарот.

Она што не одржа во живот е нашата исконска потреба да твориме. Тешко е сега за уметноста, особено театарската. Имаме минимални средства од Министерството, ние речиси двапати го надминавме буџетот за претставата. Но државата треба да размисли за улогата на уметноста зашто таа и културата се душата на едно општество, смета Нацески.

Актерот Илија Волчески вели дека последно на сцената бил кога прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ славеше 70 години постоење во почетокот од годинава.

 Повеќемесечната пауза за актерите е голем хендикеп. Континуитетот е загубен. Кога зедов да работам на монолозите, немав кондиција. Друго дома незадолжително да работите, друго е на сцената. Се чувствував како атлетичар кој ја повредил ногата. Но театарот, мотивацијата никогаш не умираат. Ова што се случи, непогоди сите, ама мотивот стана многу поголем и во нас се разбуди позитивниот гнев да бидеме уште подобри на сцената. Мислам дека е одлично што сега се случи претставата. Голема поткрепа е за актерот, духовна и физичка зашто, сепак, театарот живее во нас, изјави Волчески.

Актерот Димитар Ѓорѓиевски нагласува дека театарот низ вековите опстојувал и ќе опстои.

 Имаше моменти ако некој се почувствува настинат на сцената, држевме дистанца, па еве, не чуваше Господ, тука сме за премиерата. Но, најбитното својство на театарот е дека опстојува и е многу отпорен на сè, вели Ѓорѓиевски.