Магазин 27. август 2020. / 14:02

(ВИДЕО) Русите за првпат прикажаа филм за најмоќната нуклеарна експлозија во историјата

(ВИДЕО) Русите за првпат прикажаа филм за најмоќната нуклеарна експлозија во историјата

Пред скоро 60 години, на 30 октомври 1961 година, тогашниот СССР ја испроба најмоќната хидрогенска бомба во историјата на човештвото. Експлозијата била најсилната до тогаш предизвикана од човек, а ефектите биле повеќе од застрашувачки. Експериментот го прикажува уништувачкиот потенцијал на бомбата наречена „Цар бомба“. Меѓутоа, досега имало малку кадри од експлозијата.

Росатом деновиве за првпат прикажа 40-минутен документарен филм, што бил подготвен специјално за лидерите на тогашниот СССР. Видеото содржи многу досега невидени кадри и детали за погубните ефекти на бомбата.

Испитувањата на бомбата траеле неколку години, откако таа била конструирана. Првичните планови на советските научници биле таа да биде со јачина од 100 мегатони, но таа им се видела застрашувачки опасна и затоа моќта ја намалиле на 58,6 мегатони.

Бомбата била фрлена од советски бомрадер ТУ-95 над островот Нова Земја. Таа била пуштена со падобран на височина од 10.500 метри, а експлодирала на надморска височина од 4.000 метри, што му дало доволно време на бомбардерот да ја напушти опасната зона.

При експлозијата била создаден воздушен притисок од 1 милион атмосфери, а температурата била околу 10 милиони степеби, што е многу повеќе од таа на површината на Сонцето. Огнената топка за време на експлозијата била со радиус од 4,6 километри, нуклеарната печурка со висина од 67 километри, а врвот на печурката бил со дијаметар од 95 километри.

Светлосниот зрак можел да предизвика изгореници од трет степен во дијаметар од 100 километри, а можел да се види на далечина од 1.000 километри од нуклеарниот полигон.

Ако бомбата експлодирала под површината на Земјата, според научниците, таа ќе предизвикала земјотрес во висина од 7,1 степени според Рихтеровата скала.