Магазин 18. април 2020. / 07:45

Велика Сабота – Денот меѓу смртта и воскресението, денот што ги спојува распнувањето и радоста

Велика Сабота – Денот меѓу смртта и воскресението, денот што ги спојува распнувањето и радоста

Денеска е Велика Сабота. Сабота, значи покој. Велика Сабота е ден на покојот, ден на Покојникот, ден на Најголемиот покој и на Најголемиот Покојник. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста.

Велика Сабота е ден од Страдалната Седмица. Велика сабота е посветена на споменот на пребивањето на Исус Христос во гробот и Неговото слегување во адот.

Денот на Големиот Покој е времето кога Христовото тело е во гробот. Покојникот е внатре од вчера. Овој е втор ден на христијанската жалост, тага и молк. Ден на длабоко молчание, созерцание и покој. Сабота е денот на оплакувањето на Покојникот. Тогаш, Христовата Мајка – Пресветата Богородица и жените мироносици, по погребението, го оплакувале Исуса Христа.

За нас, пак, ова е ден за сози на љубовта и благодарноста. На овој ден се изразува болката, тагата и жалоста на Пресвета Богородица. Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот.

Велика Сабота е определена како Ден за чување на гробот. Денес сите сме крај Христовиот гроб. Се поклонуваме пред Плаштаницата, на која е претставено телото Господово при погребението и положено во гробот. Тоа е украсениот гроб Христов, на сред црква, пред кој стоиме и молчешкум се молиме. Се протнуваме под неа на колена, со понизност. Го чекаме Воскресението.

Ова е ден за прославување на неискажливата љубов од Богочовекот кон луѓето. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение.

Во Македонија некои на Великата сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна.

Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.

На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.

На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.