Магазин 16. август 2020. / 19:06

Утре се отвора осмото издание на фестивалот „Прво па женско“

Утре се отвора осмото издание на фестивалот „Прво па женско“

Утре (17 август) ќе биде отворено Осмото издание на фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“ кое годинава се одржува на неколку локации во Скопје – во МКЦ, низ улиците на Скопје, пред Мобилната монтажна галерија во Паркот на франкофонијата и во Музејот на современата уметност.

Официјалното отворање е најавено во 21 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар, за кога е најавено отворање на изложбата „Ничии прагови конкретно“ на уметниците Ивана Мирчевска и Елена Чемерска, по што ќе следи концерт на соло артистката Димитра.

За вторник, 18 август на платото пред МКЦ е најавен „Разговор што можеше да биде перформанс во соработка со МОТ+“ и концерт на Хана, Долорес и Јоана. Следниот дено со Ивана Дракшиќ ќе се мапира женското културно наследство, а во Мобилната монтажна галерија е најавена младинската програма со „Period.The Menstrual Movement Skopje“. Сабота фестивалот се сели пред платото на МСУ каде ќе има проекција на филмска програма, книга и диџеј сетови. Фестивалот се затвора со излоѓбата на Селма Селман „Без простор“ и диџеј сет со Дискордиа.

Годинава фестивалот застанува цврсто зад аргументот „Жените се малцинство“.

Ова политичко позиционирање има цел да го преиспита значењето на терминот малцинство, свесно одбегнувајќи ја неговата етно-национална, доминантна претпоставеност, и посочувајќи дека во перцепцијата на овој поим всушност многу поважни се релациите на моќ помеѓу општествените групи и доминацијата на едни врз други. Затоа сметаме дека прашањето за малцинствата е и феминистичко прашање, пишуваат организаторките „Тиииит инк“.

Организаторките велат дека се залагаат за борба што е истрајна, специфична и ослободена од наметнатите општествени стеги и модели на однесување.

Значителен дел од програмата на овој фестивал спаѓа во рамките на „Women on Women“ (WoW) проектот – кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Комисија, што Tiiiit! Inc. го спроведува заедно со Mesto Žensk – Љубљана, K-Zona – Загреб/VoxFeminae, Outlandish Theatre Platform – Даблин Проектот се фокусира на родовата еднаквост низ феминистичка перспектива, трасирајќи го наследството на жените (жени, трансродови и интерсекс луѓе кои се идентификуваат како жени), низ интерсекциска перспектива, како и перспектива на различностите.

„Прво па женско“ е отворена платформа каде феминистичките вредности и дебати се водат со сите актери во општеството без исклучоци, сѐ со цел подобрување на состојбата на женските права и родовите политики.

Фестивалот е поддржан и од FRIDA – Young Feminist Fund, Министерство за култура на РСМ и Град Скопје, и се реализира во соработка со Младински културен центар – Скопје, МОТ+, Музеј на современа уметност – Скопје, ИСКРА Букинг, Period Skopje, Од нула до дула.

На фестивалот ќе бидат испочитувани сите мерки за здравствена заштита, па бројот на публиката ќе биде ограничен, а задолжително ќе биде носењето маски, одржувањето физичко растојание и дезинфекција.

Целосната програма на фестивалот може да ја проследите овде.