Црквата утврдила веднаш после големите празници да се слават и учесниците во настанот што се празнува. Затоа денес, по празникот Рождество Христово, се слави Пресветата Богородица. Најмудра пракса. Зашто најчистата утроба на Марија беше единствена способна да го прими оној кој го надвишува се она што е создадено. Во таа смисла Црквата ја нарекува Девица Марија врата на спасението.
Со овој празник ѝ се оддава признание на мајката Божја, Пресвета Богородица која е најзаслужна за раѓањето на Спасителот. Во таа смисла се и црковните песни коишто се исполнуват при црковните свечености. Но во народното сфаќање овој ден се смета за втор ден на празникот Божик и празнувањето е во тој дух. Пресвета Богородица е опеана и во голем број народни песни.
Слово како се воздигна Богородица
Кога стана успението на пресвета Богородица ангелите и апостолите на облаците се собираа и, Тома наречен бизнак. Сета Индија ја уверија во тој час, три илјади луѓе, и не сакаше да дојде дури не го увери сиот народ. Зеде облак светол и тој го донесе, и ја сретна света Богородица што се носеше на облаците и во рајот влегуваше.
Светите апостоли ја испратија Богородица и се советуваа како да го отфрлат Тома од себе и тој да биде еретик. Кога ја сретна Тома Пречистата, кликна со силен глас: „Помилуј ме Пречиста! Мене другарите мои сакаат да ме отфрлат од себе, туку дај ми знемение свое да ме примат другарите мои“. Света Богородица му го даде својот појас. И дојде тој кон апостолите.
Тие со него не зборнаа дури не се пожалат на Пречиста. И седнаа да јадат, а Тома не го поканија, каде што му беше местото. Тома седна последен од сите. Рече Петар: „Како да ја почестиме Пречистата Богородица?“ Рекоа сите еден по друг и ништо не избраа. И на Тома му рекоа: „Кажи ти, Томо!“ Тој рече: „Вие мене ме одлачивте од себе, како да кажам?“ Петар рече: „Кажи да ти биде зборот твој приличен! А од нас те одлачува твоето дело!“
Тома стана и го пресече на три лебот, и им се поклони на сите и рече: „Постете ми и благословете ме, да ја издигнеме Пречиста!“ Рекоа апостолите: „Бог да те прости и благослови!“ Тој рече: „Велико е името на пресветата Троица!“ Тома го зеде лебот во рацете свои и се прекрсти и рече: „Пресвета Богородице, помагај ни!“ И го извди појасот и им го даде. Го видоа појасот и го познаа и се ужаснаа. И му се поклонија на појасот и го примија Тома со себе. Петар рече: “Томо благословен си во веки, амин!“ А на Господа наш (слава).