Магазин 15. октомври 2020. / 16:10

СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО ПОСТАВУВА СТАНДАРДИ: Филмот „Мими” се снима по Ковид протоколи

СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО ПОСТАВУВА СТАНДАРДИ: Филмот „Мими” се снима по Ковид протоколи

Македонската филмска индустрија поставува стандарди за снимање додека трае борбата против вирусот Ковид 19.

Пионер е “СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО”, кои завчера го започнаа снимањето на филмот “Мими” во режија на режисерот Даријан Пејовски. Протоколите за заштита при снимање се поставени од Комисијата за заштита од заразни болести по барање на студиото.

Овие протоколи овозможуваат снимањето да се одвива непречено а во исто време филмските работници се заштитени.

Филмскиот проект “Мими“, се снима со финансиска поддршка од “Агенција за Филм на Република Северна Македонија“, како проект од Национален интерес.

Според продуцентот Томи Салковски, многу е значајно што финансиерот на проектот верува дека филмот може да снима по Ковид протоколи и со тоа им помага на филмските работници да опстојат во кризата која освен здравствена е и економска.

Во вакви тешки денови за целата индустрија и културно-уметничка сцена, кога секојдневно сме сведоци на откажување и одложување на проекти, од суштинска важност е да се нагласи поддршката која ја добивме од Агенцијата за Филм на Р.С.М. И покрај ситуацијата со Ковид-19 во која се наоѓаме, Агенцијата продолжи континуирано да поддржува проекти од национален интерес, придонесувајќи кон одржувањето во живот на нашата филмска фела и сите филмски работници кои се дел од неа.“ – изјави Томи Салковски, продуцент на филмот.

Салковски додава дека верува дека заедно со целиот тим ќе успејат повторно да испорачаатбодличен продукт пред љубителите на македонскиот современ филм.

“Мими“ ќе биде втор долгометражен филм на режисерот Даријан Пејовски, кој во својата филмска биографија како режисер ги запиша “Три дена во септември“ (2015), неколку краткометражни филмови, а во изминатиот период работеше на ТВ-сериите “Фамилија Марковски“, “Инсајдер“ и “Преспав“.

Во овој филмски проект, режисерот фокусот го става на два женски лика, портретирани од млади македонски актерски таленти, кои ќе имаме можност да ги видиме во филмските кадри поддржани од искусна машка актерска екипа, предводена од Оливер Митковски. Преку разработка на психолошките аспекти на несовпаѓањето со средината и обидите за воспоставување на емоционална рамнотежа во општество базирано на алчност и површност, низ призмата на новите генерации, во стил карактеристичен за Пејовски, “Мими“ претставува повик за освестување на одредени аспекти од личноста на секој еден од нас.

Мими е психолошка драма за девојка која, потисната од родовите предрасуди во родниот крај, доаѓа да живее во Скопје. Се запознава со eкстровертната Сара и меѓу нив се раѓа пријателство што набрзо преминува во опсесија. Мими е филм за површноста, и лажните фасади што ги покажуваме пред другите.“ – изјави Даријан Пејовски, режисер на филмот.