Велики петок (уште нарекуван и Распет петок) се смета за најтежок празник во христијанската религија.
Настанот кој е поврзан со овој празник е Христовото распнување на крстот. Крстот уште бил нарекуван и срамно дрво, затоа што распнувањето на него била најтешката и најсрамната казна во времето на Римската империја.
Црквата го споменува Велики четврток како денот кога започнува предавството на синот божји, Исус Христос. Поткупен од страна на гувернерството на Понтиј Пилат, апостолот Јуда за грст сребреници го предал Исус, по што бил распнат на крстот.
Ова е воедно последна недела од велигденските пости. Чествување на најголемиот христијански празник Велигден почнува од денот Велики четврток.
Најтежок ден во христијанската религија
Велики петок, наспроти вообичаеното одбележување на верските празници со свети литургии и принесување на таканаречената бескрвна жртва, се празнува со читање извадоци од евангелијата од делот кој ја опишува неделата на страдањата на Синот божји.
Според преданието, Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“. Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се до недела, кога за првпат ќе ја огласат радоста на Христовото воскресение.
Времето на смртта и симнувањето на телото Христово од крстот во Црквата се одбележува со вечерно богослужење и со посебен ритуал на изнесување на покривката, на посебно украсена маса пред олтарот кој го симболизира гробот на Христос. Потоа трипати се обиколува црквата со покривката што го симболизира Исусовото погребување придружено со звуци на тропала.
Црвената прекривка на која се извезени слики од Господовото страдање стои пред олтарот и се целива до денот на неговото воскресение. Обичај е на тој ден да се вапсаат велигденски јајца во црвена боја, која со симболичка смисла ја претставува невино пролеаната крв на Христос. Според христијанското учење, страдањето му претходи на воскресението, а без страдање и смрт нема воскресение.
Ден на најстрог пост
Православниот канон за Велики петок предвидува строг пост со вода, а многу верници на тој ден не пијат, ниту јадат до зајдисонце. За овој ден Црквата пропишува најстрог пост, денот да помине без јадење и пиење (освен за немоќните и престарените), во знак на таговно сеќавање на настаните од она време.
Во црква луѓето се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
Покрај постот, на денот на христијанската жалост не се работи по дома, ниту на поле.
На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и „Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
Камбаните не се огласуваат сè до недела, кога за првпат ќе удри ѕвоното за радоста на Христовото воскреснување.