Културно уметничкото друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце го организираше седмото издание на традиционалната манифестација „Денови на Кирил Пејчиновиќ-2020“ која согласно здравствените протоколи за првпат се одржа на отворен простор поточно во дворот од црквата Света Богородица во месноста Ќелија. Освен домаќините КУД „Кирил Пејчиновиќ“, настапија и гостите фолклорен ансамбл „Китка“од Истибања, „Трио Шербет“ група „Ќустек“ и „Трио Кладенец“.
Имаше два блока на настапи и како претставување на женски народни носии од долнополошкиот крај и Теарце.
Кај женската долнополошка носија впечатлива е белата долга и тенка кошула која е богато извезена со црн вез и окца од срмен тел по долниот дел, кој е позастапен од задната страна. Предната страна е покриена со две скутини односно голема завјачка и мало скутинче опашани една врз друга. Горниот дел од носијата варирал зависно од возраста на жената и нејзината функционална намена која содржела свои естетски одлики. Кај долнополошката женска носија во горниот дел може да се забележи бела клашна или платно, салтевере, клашеник, горник и шубаре. Главата на жените од овој регион била красена со фес со подгушник или подбраник, а се прекрива со бела крпа. Оваа носија има впечатливи украсно елементи и везбени декорации, објаснува дипломираниот етнокореолог Сашо Костадиновски и воедно уметнички раководител на КУД „Кирил Пејчиновиќ“.
Невестинските носии во овој регион се истакнувале со тоа што биле дополнети со бројни декоративни елементи.
Тие елементи се наречени „срамуалка“, појас со „с’скавци“, додатни ракавчиња или „заврачалке“, украсни „вотузи“ и разновиден накит со кој носијата добива специфична одлика и посебен естетески ефект. Главата на невестата била прекриена со бела покривка извезена со геометриски мотиви од свилени конци и наплитици односно низа од плетенки од црна волна.
Во првиот пример се работи за млада девојка која што ја разликуваме според украсните финеси на самата носија, руменилото и подбрадувањето кое што е истакното според годините на девојката од прилика на 12-13 години. Во вториот пример се работи на девојка спремна за мажење кај која е застапен побогата колоритна орнаментика што претставува убавина и младост. Во третиот пример се работи за стара жена која што е во поодминати години за која може дас е забележиме дека е застапена носија која што не е толку уркасно истакната за разлика од другите и забрадувањето е изведено во поедноставна форма и таа по локална терминологија се нарекува оробитна жена, истакна Костадиновски.
КУД „Кирил Пејчиновиќ“ е обновен 2012 година, кога по иницијатива на Општина Теарце за учество на фестивал во Бурса, Турција се собрала група на млади во Теарце за да се реализира претставувањето. По враќањето од оваа гостување се јавил голем интерес на младите во Теарце за продолжување на фолклорот со изучување и негување на традиционалната фолклорна ризница Друштвото го раководи стручно-професионален тим од дипломиран етнокореолог Сашо Костадиновски како и кореографите Мирослав Симјановски и Бобан Трпковски.