Македонскиот репрезентативен десен бек Стефан Ристовски во интервју за „Журнал Спортинг“, магазинот на неговиот Спортинг Лисабон посочи дека Македонија има голем сон да игра на Евро 2020, а го пофали младинскиот репрезентативец Димитар Митровски, кој е дел од развојниот тим на „лавовите“ (У23).
Ристовски е заменик капитен на македонската селекција, кој во завршницата од евроквалификациите играше за црвено-жолтите, иако не беше во потполна кондициска подготовка после повредата која го оддалечи повеќе од три месеци од терените, заработена на самиот старт на подготовките за новата сезона. Поранешното вардарово дете покажа дека за Македонија е подготвен секогаш да игра, па на Португалците им објасни дека сега го очекува – остварување на сонот.
Македонија никогаш не се пласирала на Европско првенство или на Мундијал и сега овие баражи во Лига на нации се еден од големите цели. Ние сме мала земја, ама имаме голем сон и сега треба да видиме што ќе се случи. Но, јас се надевам дека можеме да напишеме историја.
За Македонија, Ристовски игра на различни позиции, чисто како десен бек, играше и како стопер, па во последните формации добива и шанса за сам да ја држи десната страна, па дури и да напаѓа како крило…
Точно е дека за Македонија играм на различни позиции, зашто немаме многу играчи, а понекогаш имаме многу мечеви и поради тоа селекторот ме става и на други позиции. Ама, ако треба да изберам, десната бековска позиција најмногу ми лежи, додава Ристовски.
Посочи дека неправедно добива црвени картони во Португалија (лани имаше три) и дека не сака да губи, а желба му е да стане првак со – Спортинг.
Не сакам да губам, па понекогаш после пораз три дена од дома не излегувам. Најубав период во Спортинг ми се трите трофеи во Купот, ама ја посакувам шампионската титула. Лани се создаде имиџ за мене дека сум преагресивен, а не сум таков. Јас едноставно сакам да победам, а исклучувањата што ги довивав беа нефер и незаслужени, посочува Ристовски.
За младинскиот репрезентативец Митровски, кој е дел од тимот до 23 години, посочува дека ако продолжи да работи и да напредува наскоро може да заигра за првиот тим на Спортинг, со кој веќе неколкупати и тренира.
Митровски е добар играч, напредува и ако продолжи да работи како и досега, како што верувам дека досега работеше, мислам дека може да ја оствари целта да стигне до првиот тим на Спортинг, завршува Ристовски.