Магазин 07. јануари 2020. / 08:53

Денеска е Божиќ; Христос се роди – Вистина се роди!

Денеска е Божиќ; Христос се роди – Вистина се роди!

Божиќ е ден кога христијаните го одбележуваат раѓањето на Спасителот – синот Божји Исус Христос. Овој датум првпат се споменува како празник во 336 година, во еден римски календар. До 16. век сите христијани Божик го славеле истиот ден, а по 1582 година со прифаќањето на Грегоријанскиот календар од страна на Ватикан, се појавиле разлики.

Првите векови во православните и протестантските земји се држеле според стариот календар, кој подоцна постапно се менувал. На Божик, православните Македонци се поздравуваат со зборовите „Христос се роди“, на што одговараат со „Вистина се роди“.

Именден празнуваат: Христо, Христина, Божин, Ристо, Христина, Ристана, Ристовка…

Денеска Божик го прославуваат христијаните кои се придржуваат на Јулијанскиот календар, а тоа се припадниците на МПЦ-ОА, Српската, Руската, Грузиската, Вселенската, Ерусалимската, Антиохиската и Александриската патријаршија.

Божик спаѓа меѓу најголемите христијански празници, зашто на тој ден се празнува раѓањето на Спасителот Исус Христос. Колку овој ден е важен за човештвото се гледа и по тоа што тој е земен за клучен датум, односно камен-темелник, за пресметување на времето, па така имаме стара и нова ера што значи време пред и по раѓањето на Исус Христос.

Овој празник е наречен и матица на повеќе празници бидејќи да не бил овој празник, што значи да не се родел Исус Христос немало да има ниту негово крштевање, (значи немало да го има празникот Водици), немало да има ниту Распетие и Воскресение (Велигден) ниту Вознесение (Спасовден), немало да постојат ниту празниците Духовден, Преображение, Крстовден итн.

Името Христос е превод на еврејското Месија, што значи Помазаник. Овој Помазаник, овој Христос, на луѓето им беше ветен уште од времето на Адам. За него пророкуваа многу еврејски пророци, а неговата појава во тоа време ја очекуваа и многу други народи.

Пророците го прорекоа како времето кога ќе се роди, така и местото Витлеем. Во тоа мало гратче во Јудеја, денешен Израел, се роди Исус, наречен Христос, т. е. Помазаник, и тој беше исполнување на пророштвата. Подоцна се откри и стана позната низ целиот свет надумната тајна на неговата богочовечка личност.

Исус Христос на човештвото му ја даде силата и власта да ги победи гревот и смртта. Заради тоа Христа го нарекуваме спасител. Уште повеќе, влегувањето на Бога во историјата значеше почеток на откривањето на сите тајни и на радоста на вечниот живот.