Магазин 12. јануари 2020. / 17:52

По очајното второ полувреме Македонија загуби од Чешка

По очајното второ полувреме Македонија загуби од Чешка

Македонската ракометна репрезентација загуби од Чешка со 27-25 во дуелот од второто коло на Европското првенство со што во огромна мерка си ги закомпликува можности за пласман во следната рунда од првенството.

Клучна за поразот беше очајно слабата игра на нашите ракометари на почетокот на од второто полувреме кога за само десетина минути дозволија предноста од два гола што ја имаа на паузата да се претвори во плус три за противниците.

Лошиот настап во вториот дел го покажува и тоа што во второто полувреме примивме дури 18 голови, односно двојно повеќе отколку во првиот дел.

Најзаслужен за триумфот на Чесите беше нивниот голман, Мартин Галија кој имаше 14 одбрани од 37 шута на нашите ракометари. За разлика од него, нашите двајца голмани Борко Ристески и Никола Митревски имаа заедно само четири одбрани.

По овој пораз, Македонија се уште има шанси за пласман понатаму, но за тоа ќе ни треба победа против домаќинот Австрија, како и значителна доза на математика и неопходност да се поклопат и резултатите од другите натпревари.