Во рамките на литературниот конкурс „Приказни од холокаустот“ во организација на невладината „Акта Нон Верба“, иако соочени со ситуацијата со корона вирусот, средношколците од Скопје допринесоа трагичните настани од холокаустот на македонските Евреи да не бидат заборавени. Со голема радост сакаме да го презентираме апсолутниот победник на овој натпревар, на кој учестуваа повеќе од 40 средношколци.
Специјалната награда за најдобра литературна творба ја доби Ведрана Петрова, втора година во СУГС. „Јосип Броз – Тито“ од Скопје, под менторство на Тамара Петреска, а беше инспирирана од животната судбина на нашата сограѓанка од Скопје, Бети Бехар – Азури, која го прежиевеа холокаустот и денеска живее во Тел Авив, Израел. Честитки Ведрана и многу успеси во иднината!, соопштија од невладината организација.
ЈОН-ЕВРЕИН
Живееја во трошни куќи
во Старото маало,
тоа сите заедно
во себе ги беше збрало.
Не беше важно дал си евреин,
христијанин, муслиман ил ром,
за секого секоја куќа
беше како негов дом.
Во тоа време, војната
за сите беше страшно зло,
им ги обезглави семејствата,
ги фрли на дно.
Сите жени ги врза
иста судбина клета,
без стопан усти да ранат
скоро две цели лета.
И секоја вечер сите
се молеа на Бога,
низ солзи прашуваа:
„Кога ќе заврши? Кога?“.
Така беше и таа
пролетна ноќ,
Рахела будна
седеше до полноќ.
Чуден дамар
ѝ татнеше в гради,
мислеше на Аврам
кој беше на барикади.
Наеднаш тропот на чизми
ја распарчи тишината в миг,
Рахела се стресе
и откина болен крик.
Го грабна в раце
малиот Јон,
го свитка на гради,
а тој беше во сон.
Боса истрча
низ порти во мрак
и затропа тивко
на другиот праг.
Сонлива на врата
се појави Неда,
добрата сосетка
без свои чеда.
Во раце ѝ го даде
својот единец без глас,
но знаеше таа
тоа е единствен спас.
ѝ шепна тивко:
„Чувај го ко твој да е,
но те молам спомни нѐ
корените да си ги знае.“
Го стисна на гради
за последен пат
и со солзи на очите
замина во неповрат.
За Неда, Јонче
отвори нов свет,
го чуваше таа
ко скапоцен аманет.
Сите во маалото
ја чуваа таа тајна,
за нив малиот Јонче
беше ѕвезда најсјајна.
Немаше глас, ни знак,
ниту светлинка
надеж да даде
за спас од Треблинка.
Минуваа денови
носеа многу беспаќа
и сите знаеја дека
Рахела не се враќа.
Војната замина,
а со неа и многу од нив
Рахела не се врати,
а и Аврам не остана жив.
Малиот Јонче
растеше крај Неда,
ја сакаше ко мајка,
ја галеше по коса седа.
А таа го гледаше
како свој роден син,
но не дозволи да заборави
дека Јонче е Јон-евреин.
Ведрана Петрова II8
Ментор: Тамара Петреска
СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“-Скопје