Скопскиот џез фестивал, една од водечките културни манифестации во Македонија информира дека одржувањето на јубилејното 40-то издание на фестивалот е доведено во прашање и дека се прекинати сите подготовки за него.
Во реакцијата на Фејсбук, организаторите велат дека со вчудоневиденост ги прочитале јавно објавените резултати на Министерството за култура по Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година од областа на музичко-сценската дејност. Според овие резултати на 40. Скопски џез фестивал драматично му се скратуваат средствата, (слично и за ОФФест, кој исто така годинава одбележува јубилеј – 20 години), враќајќи ги на ниво од втората половина на деведесеттите години, велат од Скопскиот џез фестивал.
Од таму посочуваат дека е сосема неприфатливо одеднаш драстично поинаквото вреднување на Скопскиот џез фестивал во однос на вреднувањето што се правело изминатите години.
-Особено што секоја година напоменуваме дека и со тие средства што сме ги добивале од Министерството се соочуваме со сериозни финансиски тешкотии во реализација на манифестацијата. Со објавените средства не е можно да се обезбеди зачувување на форматот, квалитетот и исклучително високото меѓународно ниво на фестивалот. Едноставно, не сме подготвени да го враќаме фестивалот назад во далечното минато, практично стартувајќи го од почеток, урнисувајќи ја неговата макотрпно градена највисока меѓународна репутација и претворајќи го во нешто друго, соопштуваат од фестивалот.
Нивнит дефинитивен и познат став, велат тие, е дека во ваков случај е подобро да стават точка на фестивалот одошто да го сведат на настан од претежно локален или регионален карактер.
-Притоа, на ум го имаме долгогодишниот континуиран квалитет на Скопскиот џез фестивал, вклучувајќи ја и минатата година, кога во услови на пандемија, тој беше еден од ретките меѓународни џез фестивали кои го сочуваа полниот формат, во Европа оценет како хајлајт. Само еден краток поглед кон објавената програма (за споменатата дејност) е доволен да се увиди дека причините за ваквото скратување не треба да се бараат во недостигот на средства на Министерството за култура. Истовремено, не сметаме дека предмет на наш интерес треба да биде фактот дека објавените конкурсни услови и критериуми беа најлошо срочените досега од Министерството за култура. Ниту, пак, многу оправданото сомневање за однапред негативен пристап кон нашите проекти од страна на надлежната комисија, со сознанието дека, и покрај ветувањето, таа не нè удостои со побараното 10-минутно дообјаснување на проектите, што е нејзина должност. Во крајна линија, според сегашниот (а и идниот) Закон за култура, комисијата има советодавна улога, а одлуките за Годишната програма ги донесува министерот, забележуваат од фестивалот.
По објавувањето на резултатите, испратиле допис до Министерството. Но, откако ќе го добиеме решението, велат тие, секако ќе вложат приговор.
Во секој случај, останува нашата обврска на ова исто место да ве известиме за натамошната судбина на фестивалот. Овојпат нема да се воздржиме од искажувањето на едно наше чувство. Небулозите, надвор од секаков здрав разум, со кои во подолг период се соочуваме во релациите со Министерството за култура, од кои мал дел се познати на јавноста, за Скопскиот џез фестивал се веќе неподносливи. Се повторува, сега на друг начин, она што се случи пред две години, кога Скопскиот џез фестивал беше избришан од програмата поради ‘немање документи во апликацијата’ за да истите потоа се ‘пронајдат’, со натамошно долго чекање да се исправи ‘грешката’“, се вели во реакцијата на Скопски џез фестивал.
Инаку, изминатиов период осамнаа повеќе реакции откако беа објавени резултатите од Годишниот конкурс на Министерството за култура. На критиките кон Министерството се вклучија културните работници од скоро сите сектори, кои на социјалните мрежи јавно ги објавија своите обраќања.
Од Министерството, пак, сметаа дека критиките се неосновани.
-Министерството за култура останува доследно на ставот дека основни критериуми според кои работеа комисиите одлучувајќи по пријавите за Годишниот конкурс беа: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност во животот на граѓаните, поддршка на автори од различни етнички заедници, стимулирање на креативни млади творци, на ранливи и маргинализирани групи, како и реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот, рекоа од министерството.