„Џез фест 2020“ годинава ќе се одржи на отворена сцена во дворот на музичкото училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ во Тетово, најавија организаторите. Предвидени се три вечери, од 25 до 27 август, на кои ќе настапат три групи.
Првата вечер, (25 август), концерт ќе има „Сашо Поповски трио“. Покрај Сашо Поповски на гитара, триото го сочинуваат и Иван Бејков – контрабас и Виктор Филиповски – тапани. Поповски, иницијатор за формирање на триото, е џез-музичар од четвртата генерација македонски уметници, а современиот џез со елементи на традиционалната македонска музика ја прави неговата музика уникатна.
Наредниот ден (26 август) на програмата е Сетстат бенд, а на последната вечер, 27 август, ќе гостува Влашент Сата бенд од Албанија.
Сите концерти ќе почнуваат во 20 часот, а влезот е бесплатен.