Македонската публика наскоро ќе биде почастена со уште една трилер – авантура од Сашо Тасевски. Неговата авторска книга „Жена вредна злато“ обработува современа и интригантна тематика.
Имено главниот женски лик – Кира е прикажан детално низ сите фази на нејзиниот развој, од детство до личносно созревање и осамостојување. Приказната е возбудлива поради техниката на прикажувањето на дејството.
На почетокот од книгата паралелно се прикажуваат две временски линии. Првата временска линија ја следи Кира како возрасна жена во актуелен период, додека другата временска линија ја следи Кира како дете. Паралелизмот е намерно воведен со цел да се даде причинско – последично објаснување на постапките на Кира, која на крајот станува платен сериски убиец.
Книгата е приказна за една тажна жена, жена која се соочува со притисоците на современието, но е и гротеска на збиднувањата во еден навидум обичен човечки живот. Современиот свет е полн со противречности, а романот на Сашо Тасевски тоа маестрално го прикажува. Ова е прво трилер дело од македонски автор во кој ликовите се довршени, јасни, а сепак дејството е полно со перипетија.
Книгата ќе биде промовирана на 12.11.2019 во 19 часот во Драмски Театар Скопје со поддршка на издавачката куќа „Икона“ чие издание е и делото. Ексклузивно пред самата промоција ги најавуваме гостувањата во Лидер на Магдалена Стојмановиќ – организаторка на настанот, а потоа и на Сашо Тасевски, актер и автор на книгата.