Мице Јанкуловски, исклучителен мултумедијален уметник годинава одбележува значаен јубилеј-50 години уметничко творештво. По тој повод од 19-28 август во Националната галерија, Мултимедијален центар „Мала станица“ ќе биде поставена изложба.
Јанкуловски истражувал различни дисциплини во уметноста од неговата најрана возраст, од цртеж до слика, користејќи различни материјали и техники, вклучувајќи сатирично сликарство на стакло, од палиндром до карикатури и анимирани филмови. Неговото творештво, кое опфаќа различни медиуми, го рефлектира неговиот поглед кон светот како реалност што постојано се менува, во која многу работи се движат низ времето и просторот, преклопувајќи се на рамнина, која се протега бескрајно далеку.
Мице Јанкуловски има одржано над педесет самостојни изложби во престижни простори во својата земја и на меѓународната сцена: Италија, Грција, Бугарија, Турција, Франција и голем број групни изложби. Добитник е на највисоки меѓународни награди за творештво.
Почетоците на уметничкото создавање на Мице Јанкуловски датираат од 1969 година, додека концептуален пристап кон апстрактното сликарство развива од раните седумдесетти години.