Магазин 07. јули 2019. / 16:23

Меси го одби медалот и обвини за корупција

Меси го одби медалот и обвини за корупција

Репрезентацијата на Аргентина го освои третото место на Копа Америка со победата против Чиле од 2:1, а Меси заработи директен црвен картон на натпреварот по инцидентот кој го имаше со Гари Медели, кој исто така беше исклучен, но ѕвездата на Барселона е незадоволна и од судењето во полуфиналниот натпревар против Бразил.

Фудбалската федерација на Аргентина се жалеше поради „бројните судиски грешки“, во поразот од Бразил со 0:2 во полуфиналето.

Натпреварувањето е наместено за да го освои Бразил. Не мораме да бидеме дел од оваа корупција. Во текот на турнирот ни покажаа непочитување. За жал корупцијата, судиите, не ни дозволија да играме фудбал, го уништија – изјави Меси.

Тој одби да присуствува на церемонијата за доделување на бронзените медали.

Челниците на КОНМЕБОЛ ги отфрлија тврдењата на Меси.

Основата на фер-плејот е да го прифатите резултатот со почит. Неприфатливо е поради инциденти типични за натпреварувањата, во кои учествуваа 12 екипи под еднакви услови, да се покренат неосновани обвинувања кои го доведуваат во прашање интегритетот на Копа Америка. Тие обвинувања претставуваат недостаток на почит кон натпреварувањето, играчите кои учествуваат и стотиците професионалци во КОНМЕБОЛ – се наведува во соопштението.