И официјално македонскиот филм „Медена земја“ доби две номинации за „Оскар“ – за документарен филм и за филм од неанглиско говорно подрачје.
„Медена земја“ (Honeyland) е прв македонски филм што успеал да биде номиниран во две категории.
– Ова е прв пат во историјата на „Оскарите“, документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот – напиша тимот на „Медена земја“ на нивниот фејсбук профил.
Екипата на филмот наведе дека ова претставува големо достигнување на филмот.
– Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но, уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно – истакнаа тие.
Меѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај „Медена земја“ се и „Американска фабрика“, „Пештерата“, „Доба на демократија“ и „За Сама“, а за најдобар странски филм номинирани се и „Корпус кристи“ од Полска, „Клетници“ од Франција, „Болка и слава“ од Шпанија и „Паразит“ од Јужна Кореја.
Ова е првпат еден македонски филм да биде номиниран за „Оскар“ во две категории. Досега, „Пред дождот“ на Милчо Манчевски беше единствениот македонски филм кој доби номинација за „Оскар“, во 1995 година.