Магазин 24. јануари 2021. / 17:06

Македонија си заминува од СП: Ракометарите загубија и од Белорусија

Македонија си заминува од СП: Ракометарите загубија и од Белорусија

Ракометната репрезентација на Македонија загуби и од Белорусија (30-26) и со пораз го заврши Светското првенство (СП) на кое влезе во „пет до дванаесет“ како прва замена за Чешка и на кое ќе се забележи најлошиот пласман на големата сцена.

Нашиот национален тим на збогувањето со Каиро покажа две различни лица. Во првиот дел играше одлично и го забележа најдоброто полувреме на Мундијалот, додека во вториот дел, тимот делуваше загубен, посебно во нападот, кој беше феноменален триесетина минути, ама спласна во клучните моменти. Македонија на овој Мундијал ќе остане со само една победа над Чиле, а загуби од Египет и Шведска во првата фаза, како и Словенија, Русија и Белорусија во втората фаза.

Македонија подобро тргна од противникот, имаше предност од 3-5, пред се поради добрите реакции на Никола Митревски меѓу стативите и двете одбрани, но Белорусија успеа да се врати и изедначи на 5-5, па оттогаш и се до крајот на првиот дел се играше егал-меч. Гол за гол беше епилогот на двете репрезентации, беше 5-5, 7-7, 10-10… за на паузата резултатот да гласи 14-14. Во првиот дел одличен беше капитенот Кирил Лазаров, кој немилосрдно ја полнеше противничката мрежа.

На стартот на вториот дел, Белорусите отворија со два брзи гола на Кулеш (16-14), па Македонија беше во подредена улога и бркаше. Избраниците на Данило Брестовац се држеа се до 40. минута, кога од 20-20, противникот поради пет „црни“ минути се одлепи на 24-20, највисока предност во натпреварот. Проблем беше исклучувањето на Филип Кузмановски, тогаш Белорусија почна да ја пробива нашата зона, а во продлжението од мечот, Македонија во осум минути даде само еден гол, па поразот беше евидентен.