Магазин 10. октомври 2019. / 23:07

Македонија ја победи Словенија со 2:1

Македонија ја победи Словенија со 2:1

Фудбалската репрезентација на Македонија во циклусот за Европското првенство (ЕП) во 2020 година, на домашен терен ја фрли на колена Словенија (2-1) и освои значајни три бода со кои остана во игра за пласман на континенталниот собир.

Од првата сериозна шанса во првото полувреме, Македонија постигна гол. Пред финишот на првиот дел, Ељиф Елмас ја стресе мрежата на Јан Облак по асистенција на Илија Несторовски, меѓутоа арбитрите проценија дека има офсајд затоа што Николов бил пред Јан Облак и влијаел на играта, во недозволена позиција. Од гледалиштето негодуваа, но, сепак, одлуката остана иста.

На стартот на вториот дел правдата беше задоволена, затоа што Ељиф Елмас успеа да го отвори резултатот, во 50. минута од мечот. Младиот играч доби топка од Пандев и со елегантен лоб го надмудри еден од најдобрите голмани во светот, Јан Облак (1-0).

Аријан Адеми ја извлече топката од шеснаесетникот и дојде до средината на теренот, каде го пронаде Алиоски. Тој забележа дека Елмас од левата страна е сам, па го проигра, а нашиот „дијамант“ излезе сам пред Јан Облак и го совлада со шут по земја, вторпат на овој меч (2-0). Потоа очекувано Македонија ја смири играта, а Словенија беше таа што притискаше, но немаше реализација. Сепак, од спорно досудениот пенал во судиското надополнување Иличиќ ги постави конечните 2-1 и го ублажи заслужениот пораз.