Француската група ЛВМХ, една е од водечките во светот на луксузната роба, потврди денеска дека доставила понуда за преземање на јувелирската американска компанија „Тифани“, во вредност од 14,5 милијарди долари.
– По неодамнешните гласини на пазарот, ЛВМХ групацијата потврдува дека одржала прелиминарни разговори за мoжна транскација со „Тифани“. Не можеме да дадеме уверувања дека овие преговори ќе резултираат со било каков договор, порачуваат од ЛВМХ, пренесува Ројтерс.
Претседателот на ЛВМХ, Бернар Арно, неодамна стана трет најбогат во светот.
Еден од изворите, запознаен со преговорите, тврди дека компанијата ЛВМХ, која имеѓу останатото ги поседува брендовите како што се „Луј Витон“ и „Булгари“, доставила понуда во склоп на која на „Тифани“ и се нудат по околу 120 долари по акција.
Тоа е еквивалентно на вкупна понуда во износ од 14,5 милијарди долари, што би било највредно вложување на француската групација досега, оценува Ројтерс.