Организаторите на трките од Светскиот куп во алпско скијање во австриски Кицбил, беа принудени да го откажат денешниот спуст, поради лошите временски услови.
Во текот на ноќта, во Кицбил и на патеката почна да врне дожд, а потоа и снег, особено во долниот дел каде состојбата на патеката веќе не ги гарантираше безбедносните услови за скијачите.
Организаторите на славната Ханенкама вчера едвај успеаја да го одржат спустот што првично требаше да се одржи една недела порано во Венген, Швајцарија. Трката беше прекината двапати поради страшните падови на Американецот Рајан Кокран Сигл и Швајцарецот Урс Криенбуел, а потоа силниот ветер предизвика долга пауза.
Сепак, триесетина скијачи успеаја да започнат, што беше доволно за резултатите од трката да бидат потврдени, па Швајцарецот Беат Фојц го освои победничкиот трофеј во Кицбил за првпат во својата кариера, откако четирипати претходно завршуваше како втор на славниот спуст.